Кампања за интегритет



Одржан час на тема “Ако знаеш, укажи!” во ДСУЛУД“Лазар Личеноски” – Средно Уметничко Училиште

Обраќање на првите три наградени средношколци


ДКСК како предводник во системот на интегритет, ја потпиша Политиката на интегритет

На ден 03 февруари 2022 година, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), согласно дефинираната законска надлежност во член 8 и член 17, алинеја 18 од Законот за спречување корупција и судир на интереси,  ја потпиша Политиката на интегритет.

Препознавајќи ја својата клучна улога како предводник во системот на интегритет, ДКСК, со усвојувањето на Политиката на интегритет, дава јасна насока и мотив за останатите институции за потребата од нивно влучување во процесот на антикорупциски политки.

Имено, ДКСК во втората половина на 2021 година ја донесе и усвои Политиката на интегритет, заедно со Насоките за примена на политиката на интегритет за државните органи и институциите од јавниот сектор. Во насока на успешно воведување и имплементација на системот на интегритет, ДКСК ја донесе Методологијата за мониторинг на примената на системот на интегритет и разви софтверско решение за следење на исполнетост на системот на интегритет.

Во тек е пилот програма за менторирање на пет институции – Министерството за информатичко општество и администрација, Државниот завод за ревизија, Инспекцискиот совет, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и Државната комисија за спречување на корупцијата, кои ќе го воведат системот на интегритет, а преку оваа програма, ќе го добијат потребното знаење за процесот.

Системот на интегритет ќе придонесе кон јакнење на доброто владеење на институциите, при што професионалноста и етичноста ќе бидат базични принципи на постапување на вработените, со крајна цел овозможување на зголемена ефикасност во остварувањето на правата на граѓаните и активна вклученост на сите чинители во борбата против корупцијата.


„Викенд на врапчето” – едукација на најмладите за важноста на укажувачите и борбата против корупцијата и судирот на интересите

Промената почнува од најмалите. Преку игра, скечеви и цртежи ги научивме дечињата да мислат со своја глава, секогаш искрено да кажуваат што им пречи, како би можеле да го изберат вистинскиот правец.


Избери интегритет! Цртање графит покрај кејот на реката Вардар

Погледнете дел од атмосферата на настанот кој се одржува во рамките на Кампањата за интегритет и заедничката акција во борбата против корупцијата, јакнење на интегритетот на институциите, промоција на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и заштита на укажувачите, која е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност на јавната администрација во Република Северна Македонија“, финансиран од ЕУ.

Навистина уживавме гледајќи го локалниот уметник Давид Ристевски како го поставува ова ремек дело.

На настанот се обрати членот на ДКСК, Владимир Георгиев, кој ги потенцираше заложбите за високо ниво на интегритет кои ДКСК ги промовира.


За општество без корупција и институции со силен интегритет потребна е заедничка акција

Секој граѓанин е важен и може да даде придонес во борбата против корупцијата. Секој може и треба да пријави корупција доколку располага со информации. Заедничката акција во борбата против корупцијата, јакнење на интегритетот на институциите, промоција на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и заштита на укажувачите е главната порака на Кампањата за интегритет, која е дел од проектот за „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Република Северна Македонија“  чии корисници се Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Над 55 отсто од граѓаните сметаат дека институциите не се справуваат со корупцијата, а 53 отсто сметаат дека оваа појава е голем проблем во општеството, покажаа резултатите од истражување на јавното мислење, спроведено во рамките на оваа информативна кампања. Испитаниците додаваат дека причината за ширењето на корупцијата во општеството се должи на отсуството на казни за сторителите.

„Борбата против корупцијата почнува со подигнување на свеста и носење на индивидуална одлука за преземање на акција. Државната комисија за спречување на корупцијата работи посветено на сите предмети, но тоа не е доволно. Борбата против корупцијата дава резултат само доколку во неа се вклучат што повеќе институции и поединци. Затоа се надеваме дека во иднина ќе имаме поефикасна соработка со институциите. Во овој процес укажувачите се исто така драгоцени и за почит е нивната храброст да пријават и да се борат за етички и законски принцип на делување. Ние како општество мора да направиме повеќе за да им дадеме соодветна заштита“, истакна Билјана Ивановска претседател на ДКСК.

Иако постои посебен Закон за заштита на укажувачите во земјава, истражувањето направено во рамките на кампањата покажува дека јавноста не е доволно информирана за тоа и околу 30 отсто од испитаниците сметаат дека укажувачите не се доволно заштитени.

„Транспарентноста и интегритетот на институциите  од една страна и информирани граѓани од друга страна се основни предуслови  за  јакнење на демократските процеси и законско и етичко работење на јавната администрација. Преку транспарентност се создава поголема одговорност во работењето. Законот за пристап до информации од јавен карактер и неговата примена имаат една цел а тоа е јакнење на интегритетот на институциите и зголемување на транспарентноста. Оттука ги повикувам граѓаните да го користат правото на слободен пристап до информации, што значи да ги користат податоците кои што институциите се должни да ги објавуваат, а доколку тоа не е  случај да ги бараат со користење на законот за слободен пристап, бидејќи на тој начин влијаат врз зголемување на ефикасноста и отчетноста на институциите и намалување на корупцијата”, истакна Пламенка Бојчева, директор на Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Проектот „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Република Северна Македонија“ е финансиран од Европската унија.

На промоцијата на стартот на кампањата Г-дин Фрик Јанмаат, Раководител на  Сектор  од Делегацијата на ЕУ истакна:  “Со оваа кампања, очекуваме сите граѓани да бидат повеќе вклучени во унапредување на интегритетот, да бараат повеќе транспарентност и отчетност на јавните институции и да придонесат  за  намалување на корупцијата и конфликтот на интереси. Борбата против корупцијата не е задача само на државните институции,таа се однесува на општеството како целина – влада, државни институции, граѓани, бизнис, медиуми, граѓанско општество. Тоа нè засега сите нас. ”

Во насока на интензивирање на борбата против корупцијата и судирот на интересите и потенцирање на важноста од соработката на сите институции, Државната комисија за спречување на корупцијата изготви Национална стратегија за борба против корупцијата 2021-2025, која е усвоена и од македонското Собрание. Ова е прв документ со ваков стратешки карактер чија цел е создавање на предуслови за поефикасна борба против корупцијата.


Г-ѓа Билјана Ивановска, Претседател на ДКСК, заедно со г-дин Фрик Јанмаат, Раководител на оддел за економски прашања, градење институции, прекугранична соработка од Делегацијатa на ЕУ и г-ѓа Пламенка Бојчева, Директор на Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер

Прес конференција на Кампањата за интегритет во рамки на ПроТРАКО проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација“

Тимот од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација“

МЕРЕЊЕ НА ПЕРЦЕПЦИЈАТА НА КОРУПЦИЈА И ИНТЕГРИТЕТ

Анализа на главните наоди од мерење на перцепцијата на корупција и интегритет во рамки на проектот “Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација во Северна Македонија” финансиран од Европскатa Унија – 1 дел

Анализа на главните наоди од мерење на перцепцијата на корупција и интегритет во рамки на проектот “Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација во Северна Македонија” финансиран од Европскатa Унија – 2 дел

МЕРЕЊЕ НА ПЕРЦЕПЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТАТА НА УКАЖУВАЧИТЕ

Извештај за квантитативно истражување за перцепциите и ставовите на граѓаните за укажувачите


Загадувањето често е последица на корупција, злоупотреба и недостаток на транспарентност и неинформираност на граѓаните на централно или локално ниво. Пријави корупција и злоупотреба!
Ти имаш право да знаеш кои се причинителите, кои фактори влијаат директно врз твоето здравје и да се бориш за чист воздух!


Корупцијата честопати се должи на недоволна транспарентност на институциите. Граѓаните имаат право на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Секој граѓанин треба да го искористи своето право на информираност и да придонесе кон елиминирање на корупцијата.


Првиот чекор во спречување на корупцијата е одбивање на лично учество.
Одбиј учество во нелегална ситуација и искажи го својот интегритет.
Избери го вистинскиот правец.


Секој може да посочи корупција и да спречи злоупотреба. Твоето укажување може да влијае врз транспарентноста и интегритетот на службените лица и институциите.
Ако знаеш, укажи!


Правилниот начин е единствениот начин.
Секогаш прави го она што е добро за сите, а не она што е најлесно. Очекувај го истото од јавната администрација.
Време е за нови навики – Избери го вистинскиот правец!


Постави граници, однесувај се според етичките стандарди. Погрешната одлука која ја носи секој еден од нас, може да го уништи личниот интегритет и репутација.
Избери го вистинскиот правец!



Откривањето на сознанија или сомнежи за недозволиво и неетичко однесување во јавниот и приватниот сектор треба да се третира на ист начин!
Охрабри се и пријави! Законите и институциите „ти го чуваат грбот“ од одмазда или лична штета – можеш да пријавиш и анонимно.
Ако знаеш, укажи!


Здравјето е од најголема вредност. Корупцијата и неетичкото однесување го загрозуваат твоето здравје. Побарај информации како се трошат парите наменети за здравството.
Избери го вистинскиот правец!

74% од граѓаните во Македонија сметаат дека корупцијата е неетичка.Придржувај се кон овој принцип и побарај го тоа и од останатите.
Избери го вистинскиот правец!

Постои можност за електронско безбедно откривање. Ако пријавиш корупција или злоупотреба, твојот идентитет ќе биде заштитен.
Информирај се како на:https://dksk.mk/

Интегритетот е избор.
Избери доблест наместо комфор, избери она што е правилно наместо она што е брзо, избери да ги практикуваш твоите вредности наместо само да зборуваш за нив.
Избери го вистинскиот правец!


Фискалната транспарентност е највисокиот степен на контрола на јавните финансии. Дали знаеш дека имаш увид во полнењето и трошењето на средствата од државната каса?


75% од испитаниците се чувствуваат лично обврзани да пријават некого во својата организација, доколку забележат вршење на незаконско однесување и постапување.
Ако знаеш, укажи!