Поддршка на ЕУ за владеење на правото

Поддршка на ЕУ за владеење на правото– Компонента 3 за подобрување на превенцијата и борбата против корупцијата

Главната цел на компонентата во овој петгодишен проект ИПА 2020 (јануари 2021 – јануари 2026) е обезбедување на стратешка и методолошка поддршка на Комисијата за спречување на корупцијата и придонесување кон независноста, ефективноста и ефикасноста на нејзиниот мандат и работа.

На Комисијата ќе и се обезбеди поддршка во спроведувањето на прописите за лобирање и ограничување на подароците. Бидејќи новиот Закон за лобирање беше усвоен во јуни 2021 година, проектот ќе ја поддржи ДКСК во изготвувањето и спроведувањето на подзаконските акти, активности за подигање на свеста како и воспоставување електронски регистар на лобисти. Некои од овие активности не се ограничени само на ДКСК туку вклучуваат и лобисти и јавни тела кај кои се лобира.

Друга активност на проектот е во насока на подобрување на контролата и проверката на пријавите за имотна состојба поднесени од избрани и именувани лица, вклучително и пратеници во Собранието. Оваа активност ќе помогне во процесот на дигитализација и ќе обезбеди обука на работното место со цел понатамошен развој и модернизирање на методите и процесите на ДКСК.

Покрај тоа, проектот ќе соработува со ДКСК и други релевантни институции во подобрување на транспарентноста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи. Една од планираните активности во овој дел е воспоставување веб платформа за доставување и објавување на сите потребни извештаи, што ќе овозможи унифицирани работни процеси и обрасци за финансиски извештаи и поедноставено пополнување и поднесување на извештаите, со што ќе се подобри транспарентноста на известувањето. На тој начин, ќе се обезбеди солидна база на податоци и информации за ДКСК во спроведувањето на надлежностите во областа на следњето, постапувањето по жалби и санкции, со што конечно ќе се спречи корупцијата во политиката.

Земајќи предвид дека интероперабилноста и современата ИКТ поддршка се клучни за спроведувањето на сите планирани активности и постигнување на очекуваните резултати, проектот направи истражување и ја разгледа можноста за примена на аналитичка алатка за податоци. Поконкретно, системот за следење (e-тракер), сличен на Словенечкиот Ерар, којшто е онлајн алатка за јавно објавување на податоците за паричните текови на субјектите од јавниот сектор. Овој систем ќе поддржи многу од мандатите и задачите на ДКСК, како што е спречување корупција во јавните набавки, но и следење и контрола на лобирањето и судирот на интереси.
Како дел од поддршката за професионален развој на вработените во различни државни и независни институции на теми поврзани со борбата против корупција, проектот спонзорира магистерски студии во областа на борбата против корупцијата и градењето интегритет на Меѓународната Антикорупциска Академија (IACA) во Лаксенбург, Австрија. Проектот ќе спонзорира вкупно 12 студенти вработени во избрани институции во јавниот сектор.