Вие сте овде:

Меѓународна работилница на тема „Превенција на корупцијата, судирот на интереси и заштита на укажувачите“

Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со инструментот TAIEX на Европската комисија и во партнерство со Антикорупциската агенција на Република Италија организираше меѓународна работилница на тема „Превенција на корупцијата, судирот на интереси и заштита на укажувачите“.

На настанот со воведни говори се обратија Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата д-р Игор Тантуровски, Јоана Штуберт од Делегацијата на Европската унија во Македонија, Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска, Лука Трифоне од Антикорупциската агенција на Република Италија и Амбасадорот на Република Италија во Република Македонија Карло Ромео.

-  Борбата против корупцијата бара постојан ангажман на сите релевантни тела во земјата кои постапуваат согласно нивните законски утврдени надлежности. Неспорен е фактот дека за ефикасно справувањето со ова современо зло подеднакво e важно унапредување на превентивните и на репресивните механизми,  алатки и  постапувања, како и континуирано јакнење на капацитетите на антикорупциските тела. Токму во таа насока е и одржувањето на оваа работилница како follow up на состанокот одржан во јули оваа година во рамките на Самитот во Трст а како продолжение на залагањата на Берлинскиот процес, истакна Тантуровски.

На работилницата свои презентации имаа Јуре Шкрбец од Комисијата за превенција на корупција од Словенија, Бруно Гонзалез од Канцеларијата против измами на Каталонија, Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија, Миле Бошков од Бизнис Конфедерацијата на Република Македонија и Ружица Парин од ЕВН.

Покрај претставници од институции и организации вклучени во превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси и во системот на заштита на укажувачите во Република Македонија, на работилницата учествуваат и претставници од надлежни институции во регионот, како и меѓународни експерти.

На работилницата беа разгледани заклучоците донесени на работилницата за борба против корупцијата одржана во Трст во јуни 2017 година, во организација на ТАИEX, во рамките на Берлинскиот процес. Целта на овој настан е да се разменат  искуства и практики меѓу учесниците за начините за спречување на корупцијата и на судирот на интереси и за заштита на укажувачите, а во фокус на работилницата беа и практични и оперативни прашања, со активно учество на сите претставници од земјите во регионот.

На вториот дел од меѓународната работилница, што ќе се одржи утре, присутните ќе може да дискутираат за најдобрите практики и искуства на Антикорупциските агенции и институции од земјите во регионот како Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.