Вие сте овде:

Учество на конференција „Борбата против корупцијата - предизвик за заедничко делување на граѓаните и институциите“

28.03.2018 година. Претставници од Државната комисија за спречување на корупцијата учествуваа на конференцијата во организација на МЦМС на тема „Борбата против корупцијата - предизвик за заедничко делување на граѓаните и институциите“ што се одржа на 28 март 2018 година во Скопје. Конференцијата се одржа во рамките на проектот „Следење на работата на ДКСК“, што го спроведуваше МЦМС во соработка со ДКСК, со  поддршка од Британската амбасада во Македонија.

Во рамките на конференцијата покрај Вицепремиерот за економски прашања г-динот Анѓушев кој ја охрабри борбата против корупцијата и според кого ДКСК треба да биде главната институција во борбата против корупцијата, институција која треба да биде деполитизирана и која нема да работи по ничиј диктат, на присутните им се обрати и Пол Едвардс, заменик шеф на мисијата на Британската амбасада во Македонија, кој се осврна на мотивите за поддршка на проектот Следење на работата на ДКСК, што се спроведуваше во изминатите 18 месеци.  

„Се потврди дека јавноста кај нас станува главниот контролор на постапувањето на институциите. Но останува прашањето дали е тоа доволно? Дали постојната законска рамка оставила празнини регулаторните тела да се чувствуваат комотно и недопирливо, па дури и да се доведат во состојба на кршење на законите, а за интегритетот и етиката на поедини носители на јавните функции, воопшто нема потреба да се коментира“, рече Розета Трајан, државен секретар на ДКСК. Таа апелираше на политичката волја за зајакнување на независноста на ДКСК и силно ја препорача соработката на институциите со граѓанските организации.

Од анкетата што ја направи МЦМС, а во која граѓаните го кажаа своето мислење за ДКСК, може да се забележи дека таа е препознаена како институција за справување со кoрупцијата. Половина од граѓаните знаат за ДКСК и за нејзините надлежности. Тие ја препознаваат како една од трите институции кои најмногу придонесуваат во борбата против корупцијата и секој петти граѓанин таму би пријавил корупција.

Иако граѓаните ја препознаваат ДКСК како институција која придонесува во борбата против корупцијата и би пријавиле корупција во неа, сепак  повеќе од половината сметаат дека ДКСК со својата работа го штити поединечниот, а не јавниот интерес. Повеќе од третина од граѓаните сметаат дека  ДКСК неефективно ја врши својата работа.