Вие сте овде:

ДКСК подготвува Стратегија за промоција на системот на заштита на укажувачите

Државната комисија за спречување на корупцијата во изминатите години има направено значаен прогрес во имплементирање на мерки за намалување на корупцијата и подигање на нивото на интегритет на институциите. Сепак предизвиците остануваат и значителна работа на ова поле се уште престои. Успешната имплементација на системот на заштита на укажувачите е потенцирана во сите стратешки документи, вклучувајки ги и Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси 2016-2019 .

 По донесување на Законот за заштита на укажувачите и Прирачниците за заштитено внатрешно и надворешно пријавување, потребно е да следи успешна имплементација на истите, што од друга страна не може да се оствари без претходно подигање на свеста и знаењето на пошироката јавност. Подигањето на свеста би се фокусирала кон промовирање на позитивните вредности и бенефитите од укажувањето, но исто така и кон поттикнување на пријавувањето.

 Токму поради тоа, Државната комисија за спречување на корупцијата со поддршка на ЕУ проектот Зајакнување на националните капацитети за борба против организиран криминал и корупција ангажираше експерт за подготовка на Стратешки документ за спроведување на кампања за промовирање на позитивниот контекст на укажувањето.

 Експертот г-динот Марк Вортх, во периодот од 22-26.01.2018 година, ја реализираше првата експертска мисија, кога заедно со работна група во која покрај членовите на ДКСК и  вработените во Секретаријатот на ДКСК партиципираат претставници од Министерството за правда, Министерството за информатичко општество и администрација, Заменик Народниот Правобранител, Транспаренси Интернешнл – Македонија и Бизнис конфедерацијата на Македонија,  работеше на изработка на Стратегијата.

 Финалниот документ на Стратегијата се очекува по 10 март 2018 година, по реализација на втората експертска мисија со што ќе се пристапи кон имплементација на овој проект.