Вие сте овде:

Завршен настан на проектот „Зајакнување на националните капацитети во борбата против организираниот криминал и корупција“

Претставници од Државната комисија за спречување на корупцијата учествуваа на завршниот настан на проектот „Зајакнување на националните капацитети во борбата против организираниот криминал и корупција“, финансиран од Европската унија преку Инструментот за претпристапна помош (IPA) – TAIB 2012.

Главни корисници на проектот се Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда, а Државната комисија за спречување на корупцијата беше една од институциите  кои се партнери во имплементација на проектните активности. 

На настанот се обрати г-дин Јаромир Левичек од Делегацијата на Европската унија, кој го посочи значењето на унапредувањето и зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка. Исто така свое обраќање имаа и Министерот за внатрешни работи г-дин Оливер Спасовски, Заменик-министерот за правда г-дин Оливер Ристовски, директорот на проектот Андреа Д'Анџело, г-дин Марјан Стоилковски раководител на Одделението за компјутерски криминал и дигитална судска медицина при Министерството за внатрешни работи, г-ѓа Розета Трајан генералниот секретар на Државната комисија за спречување корупција и г-дин Фатон Асани Директор на Агенцијата за управување со одземен имот. 

Проектот беше насочен кон понатамошно унапредување на техничките капацитети и јакнење на оперативната ефикасност на органите и институциите кои работат на сузбивање на сериозниот и организираниот криминал и корупцијата, вклучувајќи и сајбер криминал, перење пари, финансиски и економски криминал. Истовремено, проектот имаше за цел да промовира зајакнување на меѓуинституционалната соработка за превенција и репресија на организираниот криминал и корупцијата, како и воспоставување на посилен и ефикасен механизам за следење на имотот стекнат преку криминал, наплата и конфискација. 

Имајќи го предвид фокусот на Проектот, да се воспостават цврсти меѓуинституционални механизми за превенција и намалување на организираниот криминал и корупција и исполнување на стандардите на Европската Унија во овие области, Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со останатите релевантни институции, активно се вклучи и го координираше остварувањето на проектните активности од Компонентата 1 – „Превенција и спречување на корупцијата, вклучувајќи подобрена меѓуинституционална соработка“.

Тргнувајќи од фактот дека за успешна борба против корупцијата и организираниот криминал, сите засегнати страни треба да работат заедно и да соработуваат, Државната комисија за спречување на корупцијата, со поддршка на проектниот тим и сите вклучени институции, работеше во унапредување на меѓуинституционалната соработка и координација за превенција и репресија на корупцијата, унапредување и развој на антикорупциските механизми и стандарди и зајакнување на националните капацитети за успешна борба против приоритетните форми на организиран криминал и корупција. 

Така, во рамките на Компонентата 1 од Проектот , за потребите на Државната комисија за спречување на корупцијата беа реализирани повеќе активности кои беа насочени пред се кон зајакнување на капацитетите на ДКСК за спроведување на надлежностите за јакнење на свеста на граѓаните и на службените лица.

Сметајќи дека е неопходен не само континуиран пристап во спроведувањето на антикорупциските стандарди туку и унапредување на веќе воспоставените механизми ДКСК успеа, во соработка со експертите ангажирани од страна на проектот, да ги оствари  следните излезни резултати - подготвена е Стратегија за јавна свест за Законот за заштита на укажувачите и надградена е платформата за е-учење.

Поврзано со проектните активности како и утврдениот план за реализација на обуки во рамките на овој проект, се овозможи учество на претставници од Секретаријатот на ДКСК на неколку работилници и обуки кои беа во насока на  јакнење на институционалните капацитети и меѓуинституционалната соработка но нудеа и препораки за натамошно јакнење на самостојноста и независноста на институциите за спроведување на законите и други методи на напредна меѓуинституционална соработка и координација за превенција, спроведување на истраги и криминално гонење во борбата со корупцијата и финансискиот криминал. 

Кон крајот на проектот, се одржа и тркалезна маса за модели на антикорупциски тела со цел размена на искуства за статусот и надлежностите на  антикорупциски тела од други земји.