Состанок со Националниот антикорупциски авторитет на Италија (АНАК) и Амбасадата на Република Италија
На 12 март 2021 година, со почеток во 15.00, се одржа видео-конференциска работна средба меѓу Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и делегација од Националниот антикорупциски авторитет на Италија (АНАК), со посредство на Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија.
На состанокот учествуваа претседателката Билјана Ивановска и членовите на ДКСК, Giuseppe Busia, претседател на АНАК и членови на АНАК и Andrea Silvestri, Амбасадор на Република Италија.
Состанокот беше продолжување на контактите остварени изминатите години со цел натамошно продлабочување на соработката. Заради конкретизирање на областите од взаемен интерес во кои имаат надлежност двете антикорупциски тела, темите на разговор ги опфатија позицијата и надлежностите на АНАК и ДКСК во структурата за спречување и борба против корупцијата во двете земји и особено важноста од независноста во работењето.
Поконкретно, по воведните забелешки на Амбасадорот Andrea Silvestri, претседателот на АНАК Giuseppe Busia ги образложи надлежностите, составот и опфатот на работа на АНАК како независно антикорупциско тело, начинот на нивното финансирање и статусот кој го има во Република Италија. Потоа ја истакна нивната вклученост во борбата против корупцијата во регионот, размената на искуства, знаење и поддршката која АНАК ја дава на сродни институции, вклучувајќи и преку инструментите за техничка поддршка.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска го образложи Законот за спречување корупција и судир на интереси, составот и изборот на членовите на ДКСК и структурата на Секретаријатот на ДКСК. Таа посочи дека законот воспоставува нови зајакнати надлежности на ДКСК. Потоа информираше за донесената Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси со Акционен план 2021-2025 изготвена врз основа на проценка на ризици на секторско ниво, за постапувањето по предмети, активностите во насока на градење на личениот и институционалниот интегритет, јакнење на свеста на службените лица и на јавноста, воспоставената соработка што ДКСК ја има со граѓанските организации и приватниот сектор, со надлежните државни институции и особено со меѓународните институции и организации.
Потоа меѓу претставниците на ДКСК и АНАК се разви дискусија за актуелната состојба со пандемијата и предизвиците што ги носи од аспект на ризици за корупција и трговија со влијанија што наметнува антикорупциските институции да изнаоѓаат нови методи, начини и стратегии за справување со овие ризици. За надминување на новите глобални предизвици од особено значење би била и заедничката соработка.
Во дискусијата особен интерес се покажа околу споделување на искуства за следење на трошењето на јавните средства и следење на спроведувањето на јавните набавки во Република Италија, дигитализацијата на процесот на јавните набавки за постигнување зголемена конкурентност, транспарентност и ефикасност.
Амбасадорот Silvestri се осврна на препознатливоста на АНАК на национално и меѓународно поле и дека имаат воспоставено цврста надворешна политика, во чии рамки билатерална и мултилатерална соработка со други институции. Имаат примено претставници од голем број антикорупциски тела и воспоставена соработка преку инструментите за техничка поддршка. Од двете страни беше истакната важноста на соработка како можност да се учат и разменуваат добри практики едни од други. Беа разгледани можностите за подлабока соработка во насока на размена на информации за конкретни области и предмети преку реализација на видео-конференциски состаноци и работилници на специфични теми.
На крајот беше договорено формализирање на соработката и меѓусебната поддршка преку потпишување на Меморандум за соработка меѓу двете институции.