Најчесто поставувани прашања

Најчесто поставувани прашања

  1. Што се подразбира под корупција и судирот на интереси?

    Под корупција, во смисла на овој закон, се подразбира злоупотреба на функцијата, јавното овластување, службената должност или положба за остварување на корист, директно или преку посредник, за себе или за друг.

    Под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности.

  2. Што спаѓа во надлежност на Државната комисија?

    Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси Државната комисија ги има следниве надлежности:

    – донесува национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со акционен план за нејзино спроведување;
    – спроведува антикорупциска проверка на закони, подзаконски акти и други општи акти, согласно со методологија која ја донесува;
    – постапува по пријави од физички и правни лица за сомнежи за корупција и судир на интереси;
    – покренува иницијатива пред надлежните органи за поведување постапка за утврдување на одговорност на службени лица;
    – покренува иницијатива за поведување постапка за кривично гонење во предметите по кои постапува;
    – ја следи законитоста на финансирањето на политичките партии;
    – ја следи законитоста на финансирањето на изборните кампањи;
    – покренува иницијатива пред надлежните органи врз основа на извештаи на Државниот завод за ревизија;
    – постапува во случаи на судир на интереси;
    – ја евидентира и следи имотната состојба и интересите во постапка согласно со овој закон;
    – пропишува образец на изјавите за имотната состојба и интересите;
    – врши проверка на податоците од изјавите за имотната состојба и интересите;
    – соработува со други државни органи во обезбедување на потребните информации;
    – соработува со национални тела на други држави, како и со меѓународни организации на полето на спречување на корупцијата;
    – разменува информации со надлежни тела на други држави и меѓународни организации, врз основа на обврски преземени со меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија;
    – соработува со здруженија, фондации, научни институции и приватниот сектор во врска со превенција на корупција и судирот на интереси;
    – подготвува анализи за ризици од корупција во различни сектори;
    – презема активности во насока на јакнење на личниот и институционалниот интегритет;
    – презема активности на планот на едукацијата и јакнење на свеста за корупцијата и судирот на интереси;
    – води регистар на избрани и именувани лица;
    – води регистар на овластени лица за прием на пријави од укажувачи, согласно со Законот за заштита на укажувачи;
    – изготвува каталог на подароци врз основа на податоци добиени согласно со членот 58 од овој закон и го објавува на својата веб-страница;
    – спроведува истражувања на јавното мислење за оценка на своето работење и состојбата со корупцијата;
    – донесува годишна програма за работа на Државната комисија;
    – донесува етички кодекс на Државната комисијата и на Секретаријатот;
    – донесува деловник за работа на Државната комисија;
    – донесува акти за внатрешна организација и систематизација на работните места во Секретаријатот;
    – редовно ја известува јавноста за својата работа во врска со надлежностите што ги има согласно со овој закон и согласно со деловникот за работа на Државната комисија и
    – врши и други работи утврдени со закон

  3. Кој може да се обрати до Државната комисија?

    Секој граѓанин има право да спречи или пријави корупција или извршување, односно пропуштање на дејствие што претставува искористување на функцијата, јавните овластувања, службената должност или положба за да се нанесе штета на друг, без да трпи какви било последици.

  4. Како да се обратам до Државната комисија?

    Граѓаните своите претставки ги доставуваат во писмена форма во архивата на Државната комисија, во елекронска форма или по пошта на адреса:

    Државна комисија за спречување на корупцијата, Бул. Пресвета Богородица бр.3, 1000 Скопје.

  5. Кој има обврска да пријави имот?

    Избрано или именувано лице, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, нотар, извршител, административен службеник од категоријата А утврдена со закон или лице вработено во кабинетите на претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, потпретседателите на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, замениците на претседателот на Владата на Република Македонија, министрите и генералниот секретар на Владата на Република Македонија, заради извршување на работни задачи на посебен советник, при изборот, именувањето назначувањето, односно вработувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот, именувањето, назначувањето односно вработувањето поднесува изјава за имотна состојба и интереси.

    Изјавата содржи: – детален попис на недвижен имот, подвижни предмети со вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период, хартии од вредност, побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот, Изјава за интереси за него и за членовите на неговото семејство, која содржи информација за работни места и членство во управни одбори, членство во здруженија и фондации и други податоци кои се потребни согласно со пропишаниот образец. Исто така, во прилог со изјавата за имотна состојба и интереси, депонира и заверена изјава кај нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки. Изјавата за имотната состојба и интереси се доставуваат до Државната комисија за спречување на корупцијата.  

    Наведените лица имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба и интереси и во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата односно вработувањето.

  6. Кога се пријавува промена во имотната состојба?

    Секое лице што согласно Законот има обврска да достави изјава за имотната состојба, е должно во рок од 30 денада го пријави  секое зголемување на неговиот имот, односно на имотот на член на неговото семејство, во вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период, како и промена на интереси Кон пријавата што се доставува до Државната комисија се приложува и договор или друг документ што е основа за промената.