ДКСК и УЈП со заедничка едукативна активност за јакнење на етиката и интегритетот на даночните службеници
Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со Управата за јавни приходи, денеска реализираше обука на тема „Етика и интегритет на вработените во Управата за јавни приходи“, насочена кон препознавање и превенирање на непрофесионално, неетичко и коруптивно однесување.
Обуката е дел од континуираната соработка меѓу ДКСК и институциите од јавниот сектор за зајакнување на системот на интегритет, унапредување на професионалните стандарди и развивање култура на одговорно, законито и непристрасно постапување.
Во рамки на обуката беа опфатени повеќе теми од значење за секојдневното работење на вработените во УЈП, како што е запознавање со правната рамка за спречување на корупцијата и судирот на интереси, концептот на интегритет, ризиците од корупција во работењето на УЈП, етичкото постапување, користењето службени информации, управувањето со подароци и погодности, судирот на интереси, изземањето од постапување, како и улогата на раководителите, вработените и лицето за интегритет во градењето интегритетна работна средина.
Посебен акцент беше ставен на фактот дека интегритетот претставува лична вредност, но и институционален стандард кој мора да биде поддржан со јасни правила, процедури, внатрешни контроли, отчетност и доследна примена на законите. Во контекст на работата на УЈП, беше истакнато дека институцијата постапува со чувствителни податоци, носи одлуки со директно влијание врз граѓаните и деловниот сектор и работи во средина во која е особено важно да се препознаваат и навремено да се управуваат ризиците од притисоци, неформални влијанија, судир на интереси и злоупотреба на службени информации.
Целта на ваквите едукативни активности е службените лица навремено да ги препознаат ризичните ситуации, да знаат како правилно да постапат, кога да побараат совет, кога да пријават приватен интерес и кога да се изземат од постапување. На тој начин се заштитуваат и институцијата и вработените, а се јакне довербата на граѓаните и правните лица во јавниот сектор.
ДКСК ја поздравува заложбата на Управата за јавни приходи за унапредување на институционалниот интегритет, особено во насока на развивање интерни политики, етички стандарди и механизми за превенција на корупцијата. Ваквиот пристап е значаен чекор кон создавање систем во кој правилата важат еднакво за сите, постапките се транспарентни и проверливи, а јавниот интерес е водечки принцип во секојдневното работење.
Државната комисија за спречување на корупцијата и во наредниот период ќе продолжи со поддршка на институциите во јакнењето на системите за интегритет, преку едукација, насоки, превентивни активности и промовирање култура на професионално, етичко и одговорно постапување.
















