Прашања и одговори поврзани со лобирање

Прашања и одговори поврзани со лобирање

1. Што е лобирање?

Лобирање е активност насочена кон остварување влијание врз процесите на подготвување, донесување и изменување на јавни политики, програми што ги донесуваат органите кај кои се лобира, закони, подзаконски или други општи акти. 

Според Законот за лобирање, лобирањето подразбира контакт со лице кај кое се лобира, со цел конкретно насочено влијание врз процес, односно врз содржината врз актите кои претходно се наведени, а кој контакт се остварува вон утврдена и започната постапка, односно процедура по што не претставува јавно соопштен став, односно мислење, ниту пак учество на повик односно барање на орган кај кој се лобира во работа на подготвување, разгледување, односно давање информации, податоци или стручни мислења за иницијативи и предложени решенија за тие јавни политики, програми, закони, други прописи и општи акти.

 

2. Зошто има потреба од регулирање на лобирањето?

Регулираното лобирање гарантира дека овие активности се спроведуваат на транспарентен и етички начин и во согласност со јавниот интерес.

Нерегулираното лобирање може да донесе ризици, како што се прикриено влијание, корупција и нееднаков пристап до креаторите на политики.

Tранспарентното и регулирано лобирање претставува легитимен начин со кој индивидуалните лица, компаниите и организациите можат да дадат свој придонес преку експертиза и одговорно да учествуваат во развојот на јавните политики.

 

3. Кој може да биде лобист?

Секое физичко лице кое има деловна способност или правно лице запишано во Централниот регистар на РСМ, доколку ги исполнуваат условите пропишани со Законот за лобирање.

Физичките лица мора да се регистрираат како лобисти, а правните субјекти мора да се регистрираат како лоби организации пред да се вклучат во активности на лобирање.

Странски правни и физички лица исто така можат да лобираат во Република Северна Македонија, доколку се регистрирани како лобисти или лоби организации во Регистарот на лобисти што го води Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

 

4. Дали треба да се регистрирам за да лобирам?

Да. Физичките лица и организациите кои сакаат да лобираат, мора да се регистрираат со запишување во Регистарот на лобисти и лоби организации што го води ДКСК.

 

5. Дали странски државјани или лоби организации можат да лобираат во Република Северна Македонија?

Да. Странски правни и физички лица можат да лобираат во Република Северна Македонија ако се регистрирани како лобисти или лоби организации во Регистарот на лобисти што го води ДКСК.

 

6. Дали поранешните избрани и именувани функционери можат да лобираат?

Да, но само по истекот на три (3) години од денот на престанокот на нивниот мандат.

Ова ограничување спречува судир на интереси и злоупотреба на доверливи и привилегирани информации стекнати за време на нивниот мандат.

 

7. Која институција го регулира лобирањето во Република Северна Македонија?

ДКСК врши надзор над примената на Законот за лобирање и за истото информира во рамки на својот годишен извештај за работа.

ДКСК го води Регистарот на лобисти и лоби организации, ја проверува потполноста на примените пријави за запишување во истиот Регистар и носи решение за запишување на лобист, односно лоби организација во Регистарот или носи решение со кое ќе ја отфрли пријавата за запишување доколку не се комплетира и корегира истата согласно Законот за лобирање. За прекршоците утврдени со овој закон прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува Прекршочната комисија во ДКСК.

 

8. Дали лобистите треба да известуваат за своите активности?

Да. Регистрираните лобисти и лоби организации се должни до ДКСК да доставуваат писмен извештај за својата активност и тоа најдоцна до 31 јануари во тековната година за претходната година и најдоцна 30 дена од денот на бришење од Регистарот, во кој треба да бидат наведени податоци за идентитетот на лобистот односно лоби организацијата, податоци за идентитетот на нарачателот на лобирањето, податоци за органите кај кои е лобирано, податоци за висината на исплатите за секоја работа добиена од нарачателот во чие име е лобирано.

Оваа обврска за известување гарантира транспарентност и јавен надзор над лобирањето.

 

9. Дали на лобистите им е дозволено да даваат подароци?

Не. На лобистите и лоби организациите им е строго забрането да даваат, примаат или да нудат подароци, донации, услуги, влијание или други погодности или предности за себе или за друг, поврзани со активности на лобирање.

Оваа забрана го штити интегритетот на процесот и спречува неосновано влијание.

 

10. Кои се казните за непочитување на Законот за лобирање?

И лобистите, лоби организациите како и избраните и именуваните лица може да се соочат со санкции за прекршување на Законот за лобирање.

Казните се движат помеѓу 200 (двеста) и 1000 (илјада) евра во денарска противвредност, во зависност од природата и сериозноста на прекршокот.

Прекршоците кои подлежат на санкции вклучуваат нерегистрирано лобирање, неподнесување на потребните извештаи, прифаќање забранети придобивки, неутврдување на процедурите и недоставување на внатрешните акти до ДКСК од страна на органите каде може да се лобира и слично.