Интегритетот е заедничка одговорност на институциите и бизнис-заедницата
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, на 14 мај учествуваше на конференцијата „Бизнис со интегритет за конкурентна економија“, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во рамки на ЕУ кофинансираниот проект „Бизнис со интегритет Северна Македонија – Мобилизирање на малите и средните претпријатија како лидери против корупција“.

Во своето обраќање, Чучуљ истакна дека интегритетот во бизнис секторот не е само етичко прашање, туку прашање на конкурентност, доверба, стабилност и долгорочен економски развој.
„Неопходно е системот на интегритет да се развива паралелно и во јавниот и во приватниот сектор. ДКСК стои на располагање да придонесе преку поддршка во препознавањето на корупциските ризици и унапредувањето на интегритетот во деловното работење“, истакна Чучуљ.
Тој посочи дека корупциските ризици најчесто се појавуваат во точките на контакт меѓу јавниот и приватниот сектор — јавните набавки, инспекцискиот надзор, дозволите, субвенциите, концесиите и другите постапки во кои компаниите комуницираат со институциите.
„Интегритетот не е обврска само на институциите. Тој е заедничка одговорност. Јавниот сектор треба да обезбеди јасни, предвидливи и еднакви правила за сите, а приватниот сектор треба да покаже дека успехот се темели на квалитет, професионалност, фер конкуренција и законито работење“, нагласи Чучуљ.

Во рамки на конференцијата беше истакнато дека малите и средните претпријатија имаат клучна улога во градењето фер и конкурентна економија. Притоа, беше нагласена потребата интегритетот да се доближи до компаниите преку практични и применливи механизми, како јасни правила за постапување, спречување судир на интереси, транспарентни односи со партнери и безбедни канали за пријавување неправилности.
ДКСК ја поздравува иницијативата „Бизнис со интегритет Северна Македонија“, која отвора простор за дијалог и соработка меѓу институциите, приватниот сектор и граѓанското општество, со цел унапредување на транспарентноста, отчетноста и антикорупциските практики во деловното работење.













