Антикорупциска едукација на учениците од средните училишта

Информација за реализиран отворен ден на тема: Антикорупциска едукација за ученици од средно училиште со резултати од спроведениот анонимен прашалник


Прв Oтворен ден на ДКСК

Државна комисија за спречување на корупцијата со цел подигнување на свеста кај младите за важноста од борбата против корупцијата и механизмите кои се на располагање, зајакнување на нивните знаења за корупцијата и  судирот на интереси, препознавање на формите на корупција и  за важноста од градење личен и институционален  интегритет,  на 12 декември 2023 година го организираше  својот прв “Отворен ден”.

По тој повод, во посета на Државната комисија беа ученици од средното училиште на Град Скопје „Орце Николов“ со придружба на професорката Анeта Саздевска.

На настанот учениците беа запознаени со поимите на корупција и судир на интереси и нивните појавни форми, интегритет законските надлежности на ДКСК, нејзината организациска поставеност како и нејзините реализирани, тековни и планирани активности како и предизвиците со кои се соочува во своето работење. Преку практични примери беа запознаени со поимот на интегритет како и важноста на истиот во насока на добро управување на државните институции.

Настанот имаше интерактивен карактер и во таа насока на младите гости им беше овозможено да одговараат на анонимен прашалник како и да поставуваат прашања на претставиците на ДКСК, поврзани со работата на ДКСК како и да изнесат свои ставови и размислувања.


Антикорупциска едукација на учениците од средните училишта

На 01.01.2019 година започна реализацијата на двегодишниот проект “Антикорупциска едукација на учениците од средно образование “, како продолжение на претходниот проект “Антикорупциска едукација на учениците од основно образование” кој резултираше со воведувањето на програма за антикорупциска едукација како дел од редовната годишна наставна програма во училишните наставни програми во основните училишта, во предметот Граѓанско образование.

“Антикорупциска едукација на учениците од средно образование ” ќе се осврне на недостатокот на антикорупциска едукација во средните училишта, со цел повторно да се започне со програмата и да се воведе антикорупциска едукација како редовна тема во наставните програми во средните училишта. Програмата ќе се приспособи на возраста на средношколците и ќе се фокусира повеќе на подигнување на свеста кај младите за корупцијата, зајакнување на нивните знаења за корупцијата, форми на корупција и антикорупциски алатки, како и зајакнување на нивните знаења за важноста на градење личен интегритет.

Во периодот јануари-март 2019 година како прва активност е спроведување на истражување на национално ниво со млади луѓе со цел да се утврди сегашната состојба и да се утврди содржината на понатамошните активности насочени кон промена и подобрување.

Партнери за имплементација на овој проект се Државната комисија за спречување на корупцијата и Институтот за демократија “Социетас цивилис”, со учесници од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Холандија во Скопје.

Во периодот од 14-15 февруари 2019 година во Скопје ќе се реализира експертска мисија за Антикорупциските мерки во областа на образованието. Главната идеја е подобрување на капацитетите на ДКСК и други надлежни институции преку собирање на нови знаења и практични искуства за методологии, стратегии, техники и ефикасни мерки за превенција и сузбивање на корупцијата во образованието, како и зголемување на јавната свест за корупцијата во образованието, спроведување на истражувања за нивото на корупција во образовните институции, но и за соработката меѓу државните институции и граѓанскиот сектор во оваа насока. Овој настан е организиран од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со инструментот TAIEX на Европската комисија.




Анкетата со средношколци на тема корупција