ДКСК И ПЛАТФОРМАТА НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ОДРЖАА РАБОТНА СРЕДБА
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оствари конструктивна средба со Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, со цел унапредување на меѓусебната соработка и координација во повеќе заеднички активности од значење за борбата против корупцијата.

На состанокот беше нагласена важноста на исполнување на финалните чекори за донесување на Националната стратегија за спречување на корупцијата 2026–2030 (НС 2026–2030). ДКСК информираше дека е посветена на финализирање и донесување на Стратегијата до крајот на март 2026 година, при што пред усвојувањето ќе биде овозможено јавно проследување на документот и отворена фаза на консултации со сите релевантни чинители, со цел обезбедување транспарентност и активна вклученост на граѓанскиот сектор.
Во рамки на дискусијата беа отворени и прашања поврзани со потребата од засилена, активна и проактивна улога на ДКСК во тековните и планираните измени на повеќе клучни закони кои имаат директно влијание врз владеењето на правото и превенцијата од корупција, особено во контекст на законските измени поврзани со реформската агенда. Во таа насока, беше истакната и улогата на ДКСК во хоризонталното следење и координација на напредокот во спроведувањето на реформските процеси.
Соговорниците се согласија дека ДКСК треба институционално и проактивно да го артикулира својот став и учество во овие процеси, преку формална комуникација со Министерството за правда за вклучување на ДКСК во релевантните работни групи и обезбедување навремен и транспарентен увид во тековниот статус на законските процеси.

Како дел од идната меѓусекторска соработка, ДКСК и Платформата се договорија за воспоставување месечни брифинзи, со цел редовна координација, следење на напредокот и навремена размена на информации во однос на договорените активности и законски процеси.
ДКСК ја потврдува својата посветеност на транспарентноста, отчетноста и партнерството со граѓанскиот сектор и останува отворена за континуиран, конструктивен дијалог и соработка во борбата против корупцијата.














