Прв Oтворен ден на ДКСК
Државна комисија за спречување на корупцијата со цел подигнување на свеста кај младите за важноста од борбата против корупцијата и механизмите кои се на располагање, зајакнување на нивните знаења за корупцијата и судирот на интереси, препознавање на формите на корупција и за важноста од градење личен и институционален интегритет, на 12 декември 2023 година го организираше својот прв “Отворен ден”.
По тој повод, во посета на Државната комисија беа ученици од средното училиште на Град Скопје „Орце Николов“ со придружба на професорката Анeта Саздевска.
На настанот учениците беа запознаени со поимите на корупција и судир на интереси и нивните појавни форми, интегритет законските надлежности на ДКСК, нејзината организациска поставеност како и нејзините реализирани, тековни и планирани активности како и предизвиците со кои се соочува во своето работење. Преку практични примери беа запознаени со поимот на интегритет како и важноста на истиот во насока на добро управување на државните институции.
Настанот имаше интерактивен карактер и во таа насока на младите гости им беше овозможено да одговараат на анонимен прашалник како и да поставуваат прашања на претставиците на ДКСК, поврзани со работата на ДКСК како и да изнесат свои ставови и размислувања.