Претседателот на Собранието ја потпиша Политиката на интегритет на заедничка средба со претставниците на Државната комисија за спречување на корупцијата
На 29 мај 2025 година, во просториите на Собранието на Република Северна Македонија, во присуство на заменик претседателот на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Каракашова Шулев и членот на комисијата, Сервет Демири, беше потпишана Политиката на интегритет од страна на претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Овој чин претставува повеќе од потпишување на формален документ – потпишувањето на Политиката за интегритет е израз на волја и одговорност за култура на етичко однесување, транспарентност и отчетност во највисокото претставничко тело во државата, подвлече заменик претседателот на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Каракашова Шулев.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши ја нагласи својата целосна посветеност во имплементацијата на Политиката на интегритет, уверувајќи дека овој важен чин е одраз на неговата лична посветеност и на посветеноста на Собранието за одговорно и непристрасно управување.

Претставниците на двете страни, во духот на истакната заложба за бескомпромисна борба против корупцијата, утврдија потреба за ефективно спроведување на стратегиските цели во делот на системот за интегритет и Националната стратегија за спречувањето на корупцијата и судирот на интересите, заснована на засилена меѓуинституционална и координирана соработка и партнерство.