Работна средба со Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за политики за добро владеење г-ѓа Славица Грковска
На 29 февруари 2024 година, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оствари работна средба со Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за политики за добро владеење г-ѓа Славица Грковска.
Вицепремиерката Грковска на претседателката Татјана Димитровска и на членовите на ДКСК им честиташе за изборот и им посака успех во работата.
Претседателката Димитровска и членовите на ДКСК ја истакнаа важноста на соработката со кабинетот на Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за политики за добро владеење како и потребата од унапредување на истата особено во делот на поттикнување на процесите во однос на исполнувањето на поединечните обврски предвидени со Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025. Во таа насока ќе продолжи редовната соработка на ДКСК со Кабинетот на вицепремиерката Грковска преку Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Претседателката Димитровска и членовите на ДКСК ја информираа вицепремиерката Грковска за активностите на ДКСК поврзани со спроведување на нејзините законските надлежности, како и за преземањето на мерки во случаите кога постои сомнеж за прекршување на законите во изборниот процес поврзан со претстојните претседателски и парламентарни избори. Притоа, беше нагласена неопходноста од зајакнување на кадровските капацитети на ДКСК со искусен и стручен кадар, имајќи предвид дека покрај 547 предмети што се наследени од претходниот состав, контиуирано пристигнуваат нови пријави и се оформуваат нови предмети.
На средбата заеднички беше истакнато дека сите органи вклучени во системот за борба со корупцијата споделуваат заедничка цел и треба интензивно да соработуваат. Во таа насока особено беше нагласена потребата од зајакнување на соработката помеѓу ДКСК и Јавното обвинителство во насока на процесуирање на иницијативите на ДКСК.