РАБОТНА СРЕДБА СО ТРАНСПАРЕНСИ ИНТЕРНЕШНЛ МАКЕДОНИЈА
На 16.02.2026 година Државната комисија за спречување на корупцијата одржа работна средба со Транспаренси Интернешнл Македонија. Во фокусот на средбата беше дискусија во однос на можностите за унапредување на соработката во борбата против корупцијата.
Претседателот на Државната комисија, г. Адем Чучуљ ги запозна присутните со текот на процесот на подготовка на предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси спроведен во изминатата година и очекувањата дека со негово донесување би се надминале поголемиот дел од недостатоците во овој закон кои влијаат на ефективното постапување на Државната комисија.
Г. Благој Пандовски, претседател на Транспаренси Интернешнл Македонија ја нагласи важноста на институционалната поставеност, функционалност и оперативност на Државната комисија за спречување на корупцијата и нејзината клучна улога во спречувањето на корупцијата и судирот на интереси, што претставува само еден сегмент од борбата против корупцијата во нашето општество. Тој истакна дека од суштествено значење се механизмите за проверка на имотната состојба и судир на интереси, кои може да имаат клучна важност доколку се применуваат во моментот на избор или именување на службено лице на јавна функција. Воедно, сподели искуства и добри практики на земјите од регионот во однос на законското уредување на проверката на имотната состојба и судирот на интереси.
Во фокус на дискусијата беше и важноста на заштитеното пријавување, а воедно беа разменети искуства во однос на примената на Законот за заштита на укажувачи, анализите кои Транспренси Интернешнл Македонија ги прави во однос на примената на овој механизам и потребата од поскоро донесување на новиот Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи. Во однос на надлежностите за заштитено надворешно пријавување, Државната комисија ги запозна присутните со начинот на постапување на одговорното лице за заштитено внатрешно и надворешно пријавување во Државната комисија, со посебен осврт на начинот на запазување на анонимноста и заштитата на укажувачите и доследна и безусловна примена на сите безбедносни мерки утврдени во подзаконските акти за заштитено внатрешно и надворешно пријавување.
Во рамки на работниот состанок беше даден осврт и на препораките на Транспаренси Интернешнл Македонија за Државната комисија во извештајот „Национален систем на интегритет во Северна Македонија“ за 2023 година.
На обострано задоволство беа истакнати очекувањата од продлабочување на меѓусебната соработка во претстојниот период, при што Државната комисија повторно ја потврди својата проактивна улога на транспарента и отчетна институција која високо го вреднува партнерството со меѓународните организации во спречување на корупцијата и судирот на интереси и заштита на јавниот интерес
















