Расте ефикасноста и довербата во антикорупцискиот систем, но неопходна е подобра координација и ажурност
9. Декември – Меѓународен ден за борба против корупцијата
Со презентација на клучните активности, резултати и идни предизвици во борбата против корупцијата и судирот на интереси, Државата комисија спречување на корупцијата го одбележа 9. Декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
На настанот на кој учествуваа претставници на законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, невладиниот и приватниот сектор, медиумите и претставниците од меѓународните организации, а кој заради препораките за заштита од Ковид-19 се одржа во хибридна форма, помеѓу останатото беше споделено дека за неполни две години од работата на актуелниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, донесени се одлуки по вкупно 713 предмети. Од нив, 374 одлуки од областа на корупцијата, 156 од областа на судир на интереси, 70 одлуки се однесуваат на непочитување на законски одредби за време на изборниот процес, а 113 одлуки се однесуваат на проверката на имотот на функционерите.
Во овој период, Комисијата покренала и над 340 постапки по сопствена иницијатива, а истовремено примила и разгледала и близу 1700 пријави од граѓани, организации и институции со сомневање за постоење на корупција, злоупотреба и судир на интерес.
Дополнително, извршена е и антикорупциска проверка на 16 закони, а благодарение на одличната соработка со државните институции и граѓанските организации, донесена е и новата петгодишна стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со план на активности до крајот на 2024 година.
„За Државата комисија за спречување на корупцијата охрабрувачки се резултатите од истражувањата кои покажуваат дека се зголемува позитивната перцепција на граѓаните, особено на укажувачите, и нивната подготвеност да пријават незаконско делување и корупција. Тоа секако е показател дека расте довербата кај граѓаните во системот за превенција и спречување на корупцијата и судирот на интереси, во чии рамки делува и оваа Комисија. Се разбира, ние мора да го искористиме ваквиот тренд и дополнително да ги охрабриме граѓаните да ги пријавуваат сите незаконски и коруптивни активности, нудејќи им ефикасна заштита. Истовремено, борбата против овие појави бара ангажираност на сите нивоа на општеството и затоа од исклучителна важност е сите институции да преземат активности во рамките на својата надлежност и да ја зголемат својата ажурност, затоа што само со заедничка и координирана акција можеме да постигнеме уште подобри резултати“, истакна претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
За потребата од зголемување на ефикасноста на системот за антикорупција и потребата од натамошна координација и соработка помеѓу државните институции и граѓанскиот сектор, укажаа и заменик претседателот на Собранието, Горан Мисовски, шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, заменикот на претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, министерот за правда, Бојан Маричиќ и претставникот на платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, Миша Поповиќ.
„Со зголемени овластувања и проширен мандат, Државната комисија за спречување на корупцијата има централна улога во напорите за борба против корупцијата. За да го направи тоа ефикасно, потребно е да биде поддржана со соодветни буџетски и финансиски ресурси и по нејзините препораки соодветно да се постапува. Во моментов ЕУ обезбедува поддршка на Државната комисија за спречување на корупцијата со цел да се зајакне интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавните институции. Но, напорите за борба против корупцијата не можат да бидат задача само на јавните институции. Меѓународниот ден за борба против корупцијата нè потсетува дека тоа е одговорност за целото општество што бара акција и одлучност од сите нас“, рече шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир.
Настанот за одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата беше заеднички организиран и поддржан од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација” кој е финансиран од ЕУ.
Целиот настан можете да го проследите на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=O4LUFxLYezQ