Соопштение
На 22.07.2021 година, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата се одржа работна средба на Државната комисија за спречување на корупцијата со Заменик на Претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Средбата, на обострано задоволство, за прв пат се одржа во новите деловни простории на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Заеднички беше изразено задоволството што конечно е решено прашањето за обезбедување на работни простории за Државната комисија, што ќе придонесе за поефикасно и непречено одвивање на работата на Државната комисија.
Во фокусот на средбата беа активностите за подготвување на Законот за потекло на имот кој ќе биде во служба на детектирање и конфискација на нелегално стекнатиот имот и имотот со недокажано потекло, а со насока на заштита на државните интереси.
Дополнително, Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија ја запозна Државната комисија со степенот на реализација на Владиниот План за борба против корупција како и останатите мерки кои се преземаат од страна на Кабинетот во насока на обезбедување на целосно интегриран систем во служба на граѓаните.
Претседателката на Државната комисија Билјана Ивановска и членовите на Државната комисија го информираа Заменик Претседателот на Владата за тековните активности на ДКСК.
Воедно, беше разговарано и за претстојните измени и дополнувања на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со кои ќе бидат отстранети слабостите дертектирани во досегашната примена на Законот.
На средбата заеднички беше истакната важноста за заедничката координација во насока на поинтензивна и поефикасна борба против корупцијата.
Во таа насока од особено значење е меѓуинституционалната соработка, зајакнување на неопходните капацитети на сите институции надлежни за борба против корупцијата, како и надминување на проблемите во правната и институционалната рамка. Оттаму, од клучна важност е и процесот на интероперабилност во насока на непречена размена на податоците и информациите.