Средба со тимот на проектот на УСАИД „Партнерство против корупцијата“
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оствари работна средба со Барбара Џејмс, директор на проектот на УСАИД „Партнерство против корупцијата“. На средбата учествуваа и Неда Малеска Сачмароска, Анета Арнаудовска, Марко Трошановски и Маја Пињо кои се дел од тимот ангажиран за реализација на проектот.
Претседателката Татјана Димитровска и членовите на ДКСК искажувајќи ја благодарноста за подршката на УСАИД за јакнење на институционалните капацитети на ДКСК, изразија надеж за успешна соработка во рамки на проектот „Партнерство против корупцијата.
Директорката на проектот Барбара Џејмс и лидерите на компонентите на истиот Неда Малеска Сачмароска и Анета Арнаудовска, накусо ги запозна претседателката и членовите на ДКСК со целите на проектот. Идејата е преку реализација на проектот, со поддршка на локалните партери, да се подобри ефикасноста на државните институции надлежни за превенција и репресија на корупцијата. Проектот ќе трае четири години и се состои од три компоненти. Првата компонента се однесува на зајакнување на интегритетот и етиката во институциите на извршната власт како и интегритетот и етиката на високите раководни функционери. Втората компонента се однесува на зајакнување на капацитетите на институциите надлежни за превенција и репресија на корупцијата како и зајакнување на механизмите за борба против корупцијата, додека третата компонента се однесува на дигитализација на процесите во државните институции.
Во рамките на втората компонента целта е јакнење на институционалните капацитети на Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Бирото за јавни набавки со цел поефикасно извршување на нивните законски надлежности. Во таа насока, стана збор за потребата од утврдување на потребите на ДКСК кои би биле поддржани во рамки на проектот.
Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска истакна дека ова е прво запознавање на новиот состав на ДКСК со идејата и целите на проектот и оттаму е потребно ДКСК да ги добие во писмена форма целите и заложбите на проектот со цел да може да ги утврди своите приоритети и потреби по што би се утврдило дали истите може да бидат поддржани во рамки на проектот и би се операционализарана натамошната соработка.
На крајот на средбата, обострано беше искажано задоволство од остварената средба и беше истакната заложбата за успешна соработка во насока на реализација на проектот и остварување на целите на истиот.