Средба со амбасадорот на Европската Унија Н.Е. Дејвид Гир
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), предводена од претседателката Татјана Димитровска, оствари средба со амбасадорот на Европската унија во Република Северна Македонија Н.Е. Дејвид Гир.
Претседателката Димитровска и членовите на ДКСК изразувајќи ја благодарноста за посетата на амбасадорот Гир на почетокот на мандатот на новоизбраниот состав на ДКСК, истакнаа дека е од особена важност поддршката на делегацијата на Европската унија за јакнење на институционалниот капацитет на ДКСК во насоката на поефикасно спроведување на нејзините законски надлежности. Новиот состав на ДКСК со засилено темпо ќе работи на полето на спречување на корупцијата и судирот на интересите, унапредување на интегритетот на институциите и носителите на јавни функции, како и промовирање на доброто владеење, исткана претседателката Димитровска.
Амбасадорот Гир, искажувајќи задоволство од досегашната соработка, нагласи дека Делегацијата на Европската унија останува посветена на поддршката на ДКСК. ДКСК е успешна приказна во Република Северна Македонија. Нејзината работа и проактивност се позитивно оценети од страна на Европската унија што е нотирано и во извештаите за напредокот на Република Северна Македонија. Имајќи го во предвид досегашното работно искуство на претседателот и членовите на новиот состав, за очекување е ДКСК да остане проактивна, решителна и транспарента, за што ќе ја има целосната поддршка од делегацијана на Европската унија, истакна тој.
ДКСК го информираше амбасадорот за стратешките цели и приоритети на ДКСК во наредниот период. Зајакнување на одлучната и неселективна борба со корупцијата и судирот на интереси, унапредување на превентивните механизми за спречување на корупцијата, јакнење на институционалниот интегритет во насока на добро управување, донесување на основани и спроведливи одлуки, унапредување на соработката со државните органи и институции, особено со институциите надлежни на полето на борбата против корупцијата како и зајакнување на интитуционалниот капацитет на ДКСК се приоритети на кои ќе се посвети ДКСК во наредниот период, нагласи претседателката Димитровска.
На средбата стана збор за соработката на ДКСК со другите надлежни институции на полето на превенција и репресија со корупцијата. Заеднички беше нагласено дека за поуспешна борба против корупцијата е од особено значење унапредување на соработката со Јавното обвинителство како и почитување на препоракатите на ДКСК и процесуирање на нејзините иницијативи.
Се дискутираше и за приоритетни потреби на ДКСК како и за можностите за обезбедување на поддршка од страна на Делегацијата на Европска унија. Притоа, беше констатирано дека за дел од потребите веќе се работи на обезбедување на поддршка во рамки на проектот на ЕУ „Владеење на правото“. Во таа насока беше договорено да продолжи комуникацијата за операционализрање на соработката.