Средба со г. Алберт Хани, директор на Секретаријатот на РАИ
Државната комисија за спречување на корупцијата на 14 ноември 2025 година одржа работна средба со г. Алберт Хани, директор на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ).
Средбата беше посветена на унапредување на соработката во областа на превенцијата и борбата против корупцијата. Двете страни ја потврдија подготвеноста за заедничко делување и изразија интерес за развивање нови иницијативи и механизми кои ќе придонесат кон зајакнување на регионалните антикорупциски напори.
Во рамки на состанокот се дискутираа можностите за размена на добри практики, техничка поддршка, како и идентификација на приоритетни области за заедничка работа. Соговорниците оценија дека континуираниот дијалог и партнерство се од суштинско значење за градење ефективни политики и алатки за справување со корупцијата на национално и регионално ниво.
Беа презентирани тековните и планираните активности на ДКСК, со посебен осврт на активностите за изготвување на новата Национална стратегија за превенција и борба против корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 година.
Директорот Хани ја нагласи подготвеноста на РАИ и неговата лична подготвеност за унапредување на соработката со ДКСК и работа на заеднички проекти насочени кон унапредување на регионалната соработка и промовирање на транспарентноста, интегритетот и отчетноста во земјите во регионот.
Двете страни изразија задоволство од остварената средба и подготвеност за постојана меѓусебна комуникација, со цел продолжување на активности во насока на постигнување на заедничките цели.
















