Средба со Првиот заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска одржа средба со Првиот заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
На средбата претседателката Димитровска потенцираше дека спроведувањето и почитувањето на законите како и независното и објективно делување на ДКСК е од особено значење за спречувањето на корупцијата и судирот на интересите. Унапредување на институционалниот и интегритетот на носителите на јавните функции како и доброто владеење се приоритети за промоција на европските вредности за кои се залага ДКСК, истакна таа.
Вицепремиерот Маричиќ ја истакна важноста на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата во овој важен момент за иднината на нашата држава.
Соговорниците се сложија дека успешно завршениот скрининг процес претставува голем реализиран чекор во процесот на евроинтергација, како и важноста за подготовка односно следење на патоказите и механизмите за владеење на правото каде што ДКСК има важна улога.
Претседателката Димитровска и вицепремиерот Маричиќ обострано искажаа подготвеност за унапредување на соработката во насока на поефикасна борба против корупцијата, владеење на правото и евроинтегративните процеси.