Средба со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Талат Џафери
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), одржа средба со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Талат Џафери.
Средбата се реализираше на барање на претседателот на Владата, Џафери и на истата тој истакна дека ДКСК ја има поддршката во реализацијата на нејзините законски надлежности.
Заеднички е изразена согласност дека, владеењето на правото е еден од клучните приоритети за сите граѓани на Република Северна Македонија и на патот на државата кон Европската Унија, и дека во таа насока, потребни се заеднички, консолидирани напори од сите страни, правосудната, законодавната и извршната власт, како и широко од општествената јавност, за постигнување на очекуваните резултати.
Во однос на актуелната тема за организацијата и спроведувањето на претстојните претседателски и парламентарни избори, заеднички се истакна дека е потребен фокус од сите политички субјекти, учесници во изборниот процес, кон спроведување транспаренти, фер и демократски избори според европски стандарди и пракси, посебно што Република Северна Македонија аспирира кон натамошни исчекори во евроинтеграцискиот процес, за скорешно членство во Европската Унија.
Премиерот Џафери, на претседателката на ДКСК Димитровска и на присутните претставнички, го честиташе Меѓународниот ден на жената, 8 Март, истакнувајќи ја важноста на споделената одговорна улога, во изградбата праведно и правично општество за сите.