Средба со Управата за јавни приходи
На 14.06.2021 година, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата се одржа работна средба на Државната комисија за спречување на корупцијата со Управата за јавни приходи.
Средбата се одржа на барање на ДКСК, а со цел размена на искуства и воспоставување на соработка по однос на спроведувањето на постапките за испуитување на имотната состојба.
На средбата присуствуваа членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата и државни службеници вработени во Одделението за следење на имотната состојба и интереси во Секретаријатот на ДКСК.
Од страна на Управата за јавни приходи на средбата присуствуваше директорката на Управата Сања Лукаревска како и вработени службеници кои постапувале во постапките за испитување на имот и имотна состојба кои Управата за јавни приходи ги водела согласно член 36 од Законот за спречување на корупцијата.
Од страна на преставниците на Управата за јавни приходи во кратки црти беа пренесени искуствата во однос на спроведувањето на постапките за испитување на имотот и имотната состојба како и потешкотиите со кои Управата се соочувала во спроведување на истите.
На средбата, исто така, беше разговарано, за податоците и информациите кои Управата за јавни приходи во рамките на своите законски надлежности, може да и ги обезбедува на ДКСК во спороведување на постапките за проверка на вистинитоста на податоците од анкетните листови и постапките за испитување на имотната состојба.
Воедно беше договорено, да се интензивира соработката во делот на спроведувањето на постапките за испитување на имотната состојба од страна на ДКСК.
На средбата се дискутираше и за претстјоните активности за подготвувањето на измените и дополнувањата на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, при што беше нагласено дека е неопходно целосно прецизирање и регулирање на постапката за испитување на имотната состојба во законот и во таа насока да се земат предвид искуствата и на Управата за јавни приходи и на Државната комисија за спречување на корупцијата како и најдобрите меѓународни практики.
Од страна на директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска беше искажана подготвеноста на Управата за соработка и укажување стручна помош како и размена на искуства во спроведувањето на постапките од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Од страна на членовите на ДКСК беше искажано задоволството за досегашната успешна соработка со Управата за јавни приходи во спроведување на законските надлежности во делот на евидентирањето, следењето и испитувањето на имотната состојба како и потребата за интензивирање на истата во насока на заштита на јавниот интерес.