Учество на 24-та Годишна конференција и Генерално собрание на EPAC/EACN
Државната комисија за спречување на корупцијата учествуваше на 24-тата Годишна конференција и Генералното собрание на Европските партнери против корупција (EPAC) и Европската контакт-точка мрежа против корупција (EACN) кои се одржаа на 24-25 ноември 2025 година во Хаг, Холандија.
Делегацијата на ДКСК на овој голем настан ја сочинуваа Заменик претседателката м-р Цвета Ристовска и членовите на ДКСК Зоран Богоевски и Бесник Џемаиљи.
На астанот во Хаг учествуваа повеќе од 150 учесници кои претставуваа 80 институции од над 30 земји. Презентации одржаа претставници на Европската комисија, Советот на Европа, Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител, Европол, Eurojust, OLAF, антикорупциски агенции и тела за надзор на полицијата од различни европски земји.
Конференцијата главно беше насочена кон зајакнување на соработката меѓу антикорупциските и надзорните институции за полицијата, размена на практични искуства и справување со актуелните предизвици во промовирањето на интегритетот и транспарентноста. Дискусиите опфатија клучни теми како што се мерење и спречување на корупцијата, транспарентност во јавните набавки, иновации во антикорупциските практики, едукација и подигање на свеста, како и градење отпорни институции во постконфликтни и транзициски контексти.
За време на настанот беше усвоена Хашката декларација, со која се повикува на посилна институционална независност, засилена соработка и обновени напори за спречување и борба против корупцијата во Европа.
Оваа година конференцијата беше организирана во соработка со Eurojust
.
















