„Викенд на врапчето” – едукација на најмладите за важноста на укажувачите и борбата против корупцијата и судирот на интересите
За ефективна борба против корупцијата, судирот на интересите и заштита на укажувачите, важна е едукацијата уште од најраната возраст. Тргнувајќи од оваа девиза викендов во Зоолошката градина во Скопје се одржа настан „Викенд на врапчето”. Во рамите на настанот дечињата цртаа птици – симбол на укажувачите, а воедно се информираа заедно со своите родители за значењето на темата интегритет, и важноста од заштита на укажувачите за создавање на просперитетно општество.
Содржините беа прилагодени на возраста на дечињата, за нивно полесно разбирање и усвојување, преку концептот на игра и забава. Актерката Ана Левајковиќ од Театарот за деца и младинци ги анимираше дечињата и преку разговор и игри им го доближи концептот на укажувачи и им ја пренесе пораката за важноста да се реагира и укаже на сѐ што е неправилно и штетно.
За секој цртеж дечињата добиваа карта за влез во Бејби зоолошката градина и пакет за хранење на животните.
Настанот „Викенд на врапчето” е дел од кампањата за заштита на укажувачите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) како дел од ИПА II проектот на ЕУ „Промовирање на транспарентноста и одговорноста “.