ДКСК како предводник во системот на интегритет, ја потпиша Политиката на интегритет
На ден 03 февруари 2022 година, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), согласно дефинираната законска надлежност во член 8 и член 17, алинеја 18 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, ја потпиша Политиката на интегритет.
Препознавајќи ја својата клучна улога како предводник во системот на интегритет, ДКСК, со усвојувањето на Политиката на интегритет, дава јасна насока и мотив за останатите институции за потребата од нивно влучување во процесот на антикорупциски политки.
Имено, ДКСК во втората половина на 2021 година ја донесе и усвои Политиката на интегритет, заедно со Насоките за примена на политиката на интегритет за државните органи и институциите од јавниот сектор. Во насока на успешно воведување и имплементација на системот на интегритет, ДКСК ја донесе Методологијата за мониторинг на примената на системот на интегритет и разви софтверско решение за следење на исполнетост на системот на интегритет.
Во тек е пилот програма за менторирање на пет институции – Министерството за информатичко општество и администрација, Државниот завод за ревизија, Инспекцискиот совет, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и Државната комисија за спречување на корупцијата, кои ќе го воведат системот на интегритет, а преку оваа програма, ќе го добијат потребното знаење за процесот.
Системот на интегритет ќе придонесе кон јакнење на доброто владеење на институциите, при што професионалноста и етичноста ќе бидат базични принципи на постапување на вработените, со крајна цел овозможување на зголемена ефикасност во остварувањето на правата на граѓаните и активна вклученост на сите чинители во борбата против корупцијата.