Одржани обуки за мониторинг на имплементација на елементите од системот на интегритет преку веб апликација – интернет портал
На 13ти и 14ти октомври 2022 година, претставниците на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во соработка со надворешни ИТ експерти ангажирани од ИПА 2 Проектот Транспарентност и одговорност на јавната администрација, одржаа три обуки за мониторинг на имплементација на елементите од системот на интегритет преку веб апликација – интернет портал.
Обуките беа наменети за лицата за интегритет од институциите на централно и локално ниво, кои се во процес на воведување на системот на интегритет.
Овие обуки се последователни во низата обуки кои ДКСК ги одржа во текот на 2022 година, а кои се однесуваа на имплементацијата на системот на интегритет на централно и локално ниво.
Преку досегашната работа на институциите и општините, сите инволвирани страни ја увидоа важноста на постоењето на системот на интегритет. Консеквентно на потпишаните Политики за интегритет, ДКСК овозможува олеснување на процесот на размена на податоци помеѓу институциите и ДКСК преку изработено софтверско решение за мониторинг на имплементација на елементите од системот на интегритет преку веб апликација – интернет портал.
Овој интернет портал ќе и овозможи на ДКСК создавање на извештаи со податоци за развој и унапредување на имплементацијата на системот на интегритет. Дотолку повеќе, ќе биде овозможен двостепен систем на следење на примената на системот за интегритет, на ниво на самата институција, и од страна на ДКСК.
Со тоа ќе ја исполниме нашата заедничка цел – целта на овој портал и воопшто следењето на системот за интегритет е да се утврди ефикасноста на применетите политики и процедури кои овозможуваат доследна примена на стандардите за интегритет, како и за мерење на резултатите од применетите мерки за намалување на ризиците од корупција.
На обуките лицата за интегритет беа потсетени дека само преку високо ниво на интегритет и примена на Политиката на интегритет, ќе се придонесе кон спречување и елиминирање на можностите за појава на различни форми на корупција и неетичко однесување во рамките на институциите.