Интензивирање на соработката меѓу ДКСК и Јавното обвинителство
Денес, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Државната комисија за спречување на корупцијата, предводена од претседателката Билјана Ивановска, оствари работна средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески.
Работната средба беше иницирана од страна на Јавниот одбвинител Љубомир Јовески со цел размена на идеи за интензивирање на соработката меѓу двете институции.
Обвинителот Јовески ја истакна неопходноста од интензивирање на соработката на сите надлежни институции потенцијајќи дека само на таков начин ќе се зголеми ефикасноста во борбата против корупцијата.
Притоа, Јовески појасни дека идејата на обвинителството не е да се создаваат паралелни институции со постоечките, туку да се подобри меѓуинституционалната координација и размена на информации во функција на борбата против корупцијата. Во таа насока, обвинителот Јовески информираше дека Јавното обвинителство веќе започнало со одржување на работни средби и со другите надлежни институции.
Претседателката Билјана Ивановска нагласи дека е невозможна ефикасна борба против корупцијата без заедничка и координирана активност на сите институции и опшествени чинители.
На средбата стана збор и за досегашната соработка на ДКСК и Јавното обвинителство при што заеднички беше истакната оценката дека по потпишување на Меморандумот за соработка подигнато е нивото на меѓусебната соработка.
На крајот на средбата, обострано беше искажана подготвеноста за продолжување и интензивирање на соработка што е во интерес на двете институции а пред се во интерес на граѓаните.