Учество на ДКСК на регионална студиска посета во Братислава – засилена размена на искуства за спречување на корупцијата во локалните јавни набавки
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, г-дин Адем Чучуљ учествуваше на регионалната студиска посета во Братислава, Словачка, од 7 до 9 октомври 2026 година, посветена на зајакнување на надзорот, интегритетот и отчетноста во управувањето со јавните средства, со посебен фокус на јавните набавки на локално ниво.
Посетата обедини претставници на врховни ревизорски институции, институции надлежни за јавни набавки и спречување на корупцијата, претставници на УНДП и експерти од Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како и претставници на словачките институции.
Преку средби со Врховниот ревизорски орган, Канцеларијата за јавни набавки и Антимонополската канцеларија на Словачката Република, учесниците разменија искуства за рано препознавање на ризиците, спречување на неправилностите и користење на податоците за поефикасен институционален надзор.
Во дискусиите беа разгледани ризиците во различните фази на јавните набавки, вклучително и ограничувачки технички спецификации, фаворизирање понудувачи, судир на интереси, неоправдано делење на набавките и измени на договорите. Посебно внимание беше посветено на препознавањето показатели за договарање меѓу понудувачите, како што се ротација на победници, координирани цени, повлекување понуди и поделба на пазарот.
За ДКСК, размената е особено релевантна за поврзувањето на проценката на корупциските ризици со практични превентивни мерки во општините. Разгледаните искуства укажуваат на значењето на навременото препознавање на ризичните обрасци, јасната поделба на институционалните надлежности и размената на информации меѓу ревизорските, надзорните и антикорупциските институции.
Посетата овозможи разгледување на можностите за регионална соработка и приспособување на словачките практики кон потребите и капацитетите на институциите во земјите учеснички.
Студиската посета беше организирана во рамки на проектот „Паметни финансии за одговорно локално управување“ (Smart Finance for Accountable Local Governance), кој го спроведуваат Регионалниот центар на УНДП во Истанбул, УНДП Северна Македонија и канцелариите на УНДП во Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Молдавија, со финансиска поддршка од Министерството за финансии на Словачката Република, во рамки на „Јавни и приватни финансии за развој“.

















