МЛАДИ ЗА ИНТЕГРИТЕТ – ОД ГЛАСОТ НА МЛАДИТЕ ДО ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ПРОМЕНИ
„Личната чесност треба да биде поддржана со јасни правила, транспарентни одлуки, достапни механизми за пријавување и одговорност за прекршувањата. Во тоа мора да учествуваме сите: ДКСК, образовните институции, училиштата, наставниците, родителите, младинските организации и учениците, секој во рамките на својата улога.
Интегритетот најубедливо се учи кога учениците гледаат дека истите правила важат за сите, дека трудот се вреднува и дека институциите реагираат кога правилата се прекршени.
На младите треба да им помогнеме да веруваат дека нивниот глас има значење. А таа верба најсилно ќе ја изградиме кога ќе покажеме дека ги слушаме и постапуваме. Промената започнува со секој од нас, а станува трајна кога сите ја преземаме својата одговорност.“
Ова го нагласи претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Адем Чучуљ на националниот форум „Млади за интегритет – Од гласот на младите до институционални промени“, организиран во рамки на завршниот настан на проектот „Млади за интегритет: Проширување на младинските антикорупциски активности“, реализиран од тинк-тенк организацијата Аналитика со финансиска поддршка од Германското сојузно министерство за надворешни работи.
На настанот беше промовиран прирачник за тоа како учениците, наставниците и родителите да препознаат корупција и неправилности во образованието, како и дигитална алатка – апликација „Глас против корупција“, на која може безбедно да ги пријават случаите кај надлежните институции.
















