ДКСК ги зајакнува капацитетите за употреба на дигитални алатки и вештачка интелигенција
На 4 ноември 2026 година, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата, се одржа работилница на тема „Ефективна употреба на дигитални алатки и алатки поддржани од вештачка интелигенција“.
Работилницата се реализираше во рамките на „Програмата за поддршка на изборите во Северна Македонија“, проект на Владата на Швајцарија што го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).
Настанот го отворија претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, и Афердита Хаџијаха Имери, виша програмска менаџерка и советничка за социјална инклузија во ИФЕС, со свои обраќања за важноста на темата, предмет на обуката.
Работилницата беше насочена кон унапредување на практичните знаења и вештини на вработените во Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупцијата, за примена на современите дигитални алатки во секојдневното работење. Преку практични вежби прилагодени на потребите на институцијата, беа разгледани можностите за нивна употреба при истражување, подготовка и сумирање документи, анализа на податоци, управување со знаење и поедноставување на рутинските задачи.
Посебно внимание беше посветено на одговорната употреба на вештачката интелигенција, потребата од проверка на точноста и веродостојноста на генерираните содржини, како и на заштитата на доверливите и чувствителните информации.
Со активностите од ваков тип, ДКСК продолжува да вложува во професионалниот развој на вработените и во унапредување на ефикасноста и квалитетот на своето работење.

















