ГОДИШЕН И ЗАВРШЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА И СУДИРОТ НА ИНТЕРЕСИ 2021-2025
Државната комисија за спречување на корупцијата на својата 30-та седница ги усвои Годишниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, за период 01.01.2025 до 31.12.2025 година, како и Завршниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, за период 01.01.2021 до 31.12.2025 година.
За периодот јануари – декември 2025 година предмет на евалуација беа 137 активности, од кои 31 активности се реализирани (23%), нереализирани се 60 активности (44%), а 46 активности се во тек (33%). Притоа, значителна реализација може да се забележи во секторите образование и економија и бизнис, каде што има по 6 реализирани активности, а најниска реализација се забележува во секторите политички систем, животна средина и ЈП и АД. Во повеќе сектори, особено во урбанизам и просторно планирање, бројот на нереализирани активности е висок со што се покажува недостаток на напредок или блокирање на процесите.
Што се однесува до севкупната реализација на стратегијата, за периодот од јануари 2021 до декември 2025 година, степенот на вкупна реализација е следен: Од вкупно 318 евалуирани активности, 118 се реализирани (37%), нереализирани се 109 активности (34%), а 91 активност се во тек (29%). Во Завршниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, за период 01.01.2021 до 31.12.2025 година, Државната комисија со особено внимание даде осврт на заклучните согледувања, како и препораки за надлежните институции во однос на активностите од хоризонталните области и секторите кои не се во фокусот на Националната стратегија за периодот 2026-2030 година.














