ДКСК оствари средба со раководителката за развојна соработка во Амбасадата на Шведска
Државната комисија за спречување на корупцијата денеска оствари средба со г-ѓа Лоло Дарин, раководителка за развојна соработка во Амбасадата на Шведска, на која ѝ беше упатено топло добредојде и желби за успешен мандат во Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за надлежностите и превентивната улога на ДКСК во системот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со посебен акцент на значењето на превенцијата, навременото препознавање на корупциските ризици и јакнењето на институционалниот интегритет.
Посебно внимание беше посветено на системот на интегритет, неговата практична примена во институциите и на потребата од понатамошно јакнење на капацитетите, механизмите за следење и поддршката на институциите за премин од формално исполнување на обврските кон ефективна и одржлива примена.
Во разговорот беше истакнат и интересот за продолжување и продлабочување на соработката со Амбасадата на Шведска, особено во областите поврзани со превенцијата од корупција, интегритетот, институционалниот развој, дигитализацијата и јакнењето на аналитичките капацитети.

ДКСК ја цени досегашната поддршка од Шведска, вклучително и преку проектот „Заедници со интегритет“, реализиран со поддршка на Шведска и Швајцарија, како значаен придонес во јакнењето на практичната примена на системот на интегритет, особено на локално ниво.
Средбата претставуваше можност за отворена размена на ставови и за идентификување на области во кои идната соработка може да придонесе кон посилни, поотпорни и поодговорни институции.














