Заклучоци од одржана јавна дебата – „Локални избори 2021 – Интегритет на изборниот процес и интегритет на учесниците“
- Спроведувањето на изборните активности/кампања во рамките на изборниот процес треба да се одвива транспарентно, а сите надлежни институции да покажат интегритет и да постапат согласно регулативите, принципиелно и со еднаков пристап кон сите политички актери во изборниот процес.
- Политичките партии со своето однесување влијаат врз јавното мислење и врз градењето на политичката и општествената култура и затоа треба да се работи на зголемување на интегритетот на институциите со што ќе имаме поефективна примена на законите и санкционирање на несоодветното однесување.
- Политичката култура која сега се манифестира од страна на политичките партии, покажува на низа неправилности и игнорирање на законската рамка која го регулира изборниот процес, а тоа е и главната причина заради се пониската излезност на изборите, што пак го доведува во прашање легитимитетот на избраните функционери.
- Иако се преземени низа чекори во насока на подигнување на стандардите и поголема контрола за трошењето на јавните средства, како што се алатката за следење на користење на службените возила, етичкиот кодекс што го усвои Владата и слично, реалноста покажува дека политичките партии без исклучок ги заобиколуваат законските рамки. Пример за тоа се низата активности на терен уште пред да почне кампањата, а постојат и дојави за злоупотреба на службените/државните ресурси.
- Партиите иако имаат огромно влијание врз граѓаните, не покажуваат интерес за стандардите што се градат во општеството преку нивното однесување и однесувањето на нивните членови. Таквиот став се манифестира и во процесот на носење на закони и одлуки.
- Како резултат на отсуство на санкции, било да се работи за морални или законски, политичките партии не водат сметка за своите јавни настапи и јавно дадените ветувања. Пример за тоа се политичките програми и нереалните ветувања. Начинот на кој се оправдуваат ваквите неетички, а некогаш и незаконски активности, укажуваат на целосно отсуство на услови за спроведување на изборен процес базиран на интегритет и морална и законска одговорност на сите актери.
- Интегритетот во рамките на изборниот процес е од исклучително значење за намалување на корупцијата. Имено, најголемите клиентелистички односи се создаваат токму за време на изборниот процес.
- За да се постигне тоа процесот мора да биде добро администриран и инклузивен за сите актери. Финансирањето на политичките партии и нивните активности мора да се следи и да се унапредува, бидејќи клучно е овој процес да биде транспарентен, за да се намалат можните злоупотреби.
Заклучоци:
Отсуството на политичките партии на вакви дебати е јасна потврда за нивниот игнорантски однос кон законските и моралните начела за интегритет во изборниот процес. Како резултат на тоа отсуствува градење на транспарента и одговорна политичка култура која ќе даде придонес за јакнење на демократијата. Незаинтересираноста за градење и спроведување на одговорни политики и почитување на регулативата е јасен сигнал за неопходност од активности и мерки од страна на сите институции и актери за градење на услови кои ќе водат кон одговорни политики како основен стандард.
Со оглед на фактот дека изборниот процес е комплексна општествена операција, улогата на невладините институции, експертите и другите чинители игра значајна улога во квалитетот на процесот. Токму затоа интегритетот на овие ентитети и нивната независност може да одигра значајна улога. Загрижува нивната незаинтересираност за учество во дебати кои можат да го подобрат квалитетот на изборниот процес, што е во фокусот на нивното делување.
Неопходно е да се креираат алатки преку кои ќе се подигне стандардот и во однесувањето на политичките партии, тргнувајќи од континуирана интерна комуникација во партиите, а па се до градење на нови алатки и механизми со што ќе се постигне поголема следливост, а институциите мора да работат на зголемување на своите капацитети и интегритет, со цел секој во рамките на своите надлежности да може да делува во насока на постигнување на подобар резултат во подигнувањето на интегритетот во изборниот процес.