Одржани обуки за имплементација на систем на интегритет
Во периодот 14-18 март 2022 година, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), се одржаа обуки за имплементирање на системот на интегритет во пет пилот институции – Министерството за информатичко општество и администрација, Државниот завод за ревизија, Инспекцискиот совет, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и Државната комисија за спречување на корупцијата, кои ќе го воведат системот на интегритет, а преку оваа програма, ќе го добијат потребното знаење за процесот.
Првично, ДКСК во втората половина на 2021 година ја донесе, а потоа и ја усвои Политиката на интегритет, заедно со Насоките за примена на политиката на интегритет за државните органи и институциите од јавниот сектор, со што даде насока и мотив за останатите институции за потребата од нивно влучување во процесот на антикорупциски политки.
Во насока на успешно воведување и имплементација на системот на интегритет, ДКСК ја донесе Методологијата за мониторинг на примената на системот на интегритет и работи на развој на софтверско решение за следење на исполнетоста на системот на интегритет. Дополнително, ДКСК активно работеше на изработка на водичи, упатства и формулари (темплејти) заради полесно разбирање и спроведување на овој процес во институциите од централната власт.
Следните чекори на ДКСК во делот на имплементација на системот на интегритет се однесуваат на проверка и следење на исполнетоста на стандардите/елементите на интегритет на институциите кои успешно ја поминаа обуката за имплементација на системот на интегритет, согласно потпишаните политики на редовна основа, како и повик до сите министерства од централната власт, за усвојување на Политиката на интегритет и назначување на лице за интегритет, со цел успешна имплементација на системот на интегритет во делот на институциите на централната власт, како една од најефективните алатки во превенцијата од корупцијата.