Вие сте овде:

Панел дискусија: Модели на антикорупциски тела

Во насока на унапредување на антикорупциското законодавство, а со цел јакнење на превенцијата и борбата против корупцијата и судирот на интереси и  зајакнување на интегритетот на институциите, истовремено исполнувајќи ги препораките на ГРЕКО и насоките од УНКАК , Државната комисија за спречување на корупцијата и Министерството за правда со поддршка на ИПА проектот Јакнење на националните капацитети за борба против корупцијата и организиран криминал, организираа Панел дискусија: Модели на антикорупциски тела.

На истата свои обраќања имаа г-дин Јаромир Левичек, Шеф на операции и јакнење на институциите од ДЕУ, г-дин Оливер Ристовски, Заменик министер за правда, г-ѓа Розета Трајан, Генерален секретар во ДКСК и Анета Павловска Данева, претставник на РМ во ГРЕКО. Сите тие ја потенцираа потребата од силната волја за создавање на независно тело кое во свој полн капацитет ефикасно ќе се справува и ќе се бори со корупцијата и судирот на интереси, а гаранција за тоа треба да биде состав од лица со јак и изграден  личен интегритет:

„Борбата против корупцијата во земјата треба да се води со проактивни репресивни и превентивни мерки. Европската Унија ја обезбеди поддршката на Државната комисија за спречување на корупцијата. Експертите од земјите членки на ЕУ понудија предлози за реформи; сега е конечно време за надлежните државни власти да преземат акција. ДКСК треба да биде функционално тело со јасни надлежности и доволно ресурси, кое ќе работи со целосна независност, без надворешни влијанија,"рече во своето воведно обраќање г-дин Јаромир Левичек, Шеф на одделот за оперативни работи и институционална надградба во Делегацијата на Европската Унија.

Како што посочи Генералната секретарка на Комисијата, г-ѓа Розета Трајан, постоечките контролни механизми во однос на независните тела се неефикасни, а јавноста останува главниот контролор на постапувањето на институциите и функционерите. 

„Сведоци сме дека подолго време стои констатацијата за потребата од измена на анти-корупциското законодавство, заедно со препораките за ревизија на статусот и надлежностите на ДКСК. Потребна е изразена политичка волја за зајакнување на независноста на ова тело, особено во светлина на констатациите на низа последователни извештаи на Европската Комисија за политизираноста на оваа институција и селективноста при нејзиното постапување,” нагласи ѓ-а Трајан.

„Оваа Панел дискусија отвори можност да ги слушнеме добрите искуства и практики од функционирањето и работата на анти-корупциските тела на Словенија, Црна Гора и Литванија. Овие компаративни решенија нѝ даваат основа за креирање на најдобриот модел на институција која ефективно ќе се бори против корупцијата,” истакна Заменикот Министер за правда, г-дин Оливер Ристовски.  

Покрај  претставниците од извршната власт, невладиниот сектор и медиумите присуствуваа и експерти, претставници од Литванија, Словенија и Црна Гора кои дадоа осврт на нивните анти-корупциски тела и предизвиците со кои се соочуваат во функционирањето.

Вториот дел се реализира со билатерални средби меѓу експертите, претставници од антикорупциските тела и вработени во Државната комисија за спречување на корупцијата и Министерството за правда заради дискусија и појаснување на одделни прашања.

Панел дискусијата се реализираше на 10 и 11.05.2018 година во хотел Солун, Скопје.

Агенда