Вие сте овде:

9-ТИ ДЕКЕМВРИ МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

Обележувајќи го 9-ти декември Меѓународниот ден за борба против корупцијата, денот кога во 2003 година беше отворена за потпишување Конвенцијата на Обединетите Нации за борба против корупцијата УНКАК,  е момент кога треба да се потсетиме на водечките принципи содржани во преамбулата на Конвенцијата:


“Загрижени поради тежината на проблемите што ги предизвикува корупцијата и заканата што таа ја претставува за стабилноста и безбедноста, поткопувајки ги институциите и демократските вредности, моралните вредности и правдата и изложувајки ги на опасност трајниот развој и правната држава,

Загрижени, исто така, поради поврзаноста што постои помеѓу корупцијата и другите форми на криминал, особено организираниот и економскиот криминал, како и перењето на пари,

Загрижени, понатаму, поради случаите на корупција во кои се инволвирани значителни количества на имот, што може да претставува битен дел од средствата на Државите и  кои претставуваат закана за политичката стабилност и траен развој на овие Држави,

Убедени дека корупцијата не е веќе локален проблем, туку транснационален феномен што ги напаѓа сите општества и економии, и за чие превенирање и запирање е неопходна меѓународната соработка,

Убедени, исто така, дека за ефикасна превенција и борба против корупцијата е неопходен глобален и мултидисциплинарен пристап,

Убедени, понатаму, дека техничката помош може значително да им помогне на Државите, како и за јакнење на капацитетите и институциите, за ефикасна превенција и борба против корупцијата,

Убедени дека незаконското лично богатење може посебно да им штети на демократските институции, на националните економии и на правната држава,

Решени да го спречат, откријат и обесхрабрат на најефикасен начин меѓународниот трансфер на средства стекнати на незаконски начин и да ја зајакнат меѓународната соработка заради враќање на средствата,

Признавајки ги основните принципи на почитување на  гаранциите предвидени во законите за кривичните постапки, како и за граѓанските и управните постапки што се однесуваат на правата на сопственост,

Имајки во предвид дека сите Држави се должни да ја спречуваат корупцијата и дека треба меѓусебно да соработуваат, со поддршка и учество на поединци и групи кои не припаѓаат на јавниот сектор, како што е граѓанското општество, невладините организации и здруженијата на граѓани, за да напорите во оваа област бидат ефикасни,

Имајки ги, исто така, во предвид принципите на добро управување со јавните работи и државниот имот, непристрасноста, одговорноста и еднаквоста пред законот и потребата од зачувување на интегритетот и фаворизирање на  културата на одбивање на корупцијата,…”

Конвенцијата на Обединиетите нации против корупцијата (УНЦАЦ), како последна во низата од меѓународни правни инструменти е истовремено и единствена глобална антикорупциска конвенција. Во воведот на конвенцијата, на одреден начин се позиционира разбирањето на корупцијата преку укажување на негативните последици од корупцијата врз демократијата и владеењето на правото, како и на поврзаноста со организираниот криминал, тероризмот и другите закани за човековата безбедност.

Република Македонија ја ратификуваше оваа Конвенција во 13 април  2007, со што овој документ станува дел од нејзиното законодавството. 

Водејки се од принципите и на челата на Конвенцијата и другите меѓународни документи на Советот на Европа, ГРЕКО и ОЕЦД, Република Македонија во континуитет прави напори во насока на унапредување на антикорупциската нормативна и институционална рамка.

Во таа насока, во тек е донесувањето на нов Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со кој се нудат решенија за зајакнување на системот на превенцијата на корупцијата, ставајќи притоа акцент на надлежностите на Државната комисија за спречување на корупцијата.  

Се очекува, согласно зајакнатите критериуми за избор на претседател и членови на ДКСК, Собранието на РМ остварувајќи ја својата законска надлежност да се води од највисоките начела на неполитизираност, етичност и интегритет. 

Во оваа прилика уште еднаш повикуваме на соработката помеѓу невладиниот сектор, приватниот сектор и институциите на системот, во креирањето на антикорупциски фронт, затоа што тој е еден од успешните начини во справувањето со корупцијата, унапредувањето на транспарентноста и отчетноста, како темели на доброто управување и владеење на правото.