ДКСК учествуваше на тркалезната маса на тема „ Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“
Државната комисија за спречување на корупцијата активно презема активности на планот на едукацијата и јакнење на свеста за корупцијата и судирот на интереси како за вработените од јавниот сектор така и во основното и средното образование.
Оттука, на 25.04.2023 во организација на Канцеларија на Обединетите нации за борба против дрога и криминал, Владата на Република Северна Македонија и ГИЗ се одржа тркалезна маса на тема „ Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“ на која членот на ДКСК г-дин Владимир Георгиев ја акцентираше важноста од антикорупциската едукација уште во основното образование во градењето на правна држава со интегритет.
„Образованието е специфичен сектор бидејки кога се говори за корупција тогаш може да се говори од два аспекти – корупција во образованието и со образованието во спречување на корупцијата. Односно образованието како дел од третиот столб во борбата против корупцијата –столбот јакње на свеста. Треба да се работи паралелно: намалување на корупцијата во образованието и воведување на антикорупциски содржини во наставните програми. Децата, односно учениците уште од раната возраст треба да ги осознаат, да ги почитуваат и да се придржуваат до принципите кои придонесуваат кон јакнење на позитивни вредности во однесувањето. Неопходно е да се воспостават антикорупциски содржини во сите три нивоа на образование (примарно, секундарно и терцијално) но одредени содржини за етика и во предучилишната возраст“.
ДКСК активно работи на спроведување на едукативни активности од областа на антикорупциската политика, па оттука во 2014 година преку проект финансиран од Амбасадата на Кралството Норвешка во Македонија изработи содржини на темата антикорупција и ги воведе во редовното образование, во рамки на предметот Граѓанско општество за седмо одделение. Во 2019 година ДКСК спроведе активности за вклучување на антикорупциската едукација во редовната настава во средното образование.
Во 2023 година ДКСК веќе започна со подготвителни активности за јакнење на свеста на најмладите, односно спроведување на антикорупциска едукација кај учениците од седмо до деветто одделение од основните училишта. Овие активности ќе се реализираат со поддршка на IFES во вкупно 13 основни училишта на територијата на Република Северна Македонија.