Публикација на Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија
На 13 јуни 2023 година, во хотелот Александар Палас во Скопје, Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја презентираше Проценката на ризиците од корупција во правосудството во Република Северна Македонија. Анализата и изготвувањето на Проценката за потребите на Државната комисија беше спроведена во текот на 2022 година во партнерство со Здружението на судии во РСМ и Здружението на јавните обвинители во РСМ, а испитаници за анализата беа актуелни судии и јавни обвинители, членови на овие две здруженија.
На настанот присуствуваа претставници на највисоките судски и јавнообвинителски органи и тела, како и претставници на останатите институции од правосудниот сектор и од меѓународната заедница.
Ставовите и искуствата од прва рака на судиите и јавните обвинители се во основата на Проценката на ризиците од корупција во правосудниот систем, која фрла светлина врз ризиците и ранливостите кои го попречуваат спроведувањето на владеењето на правото и на правдата во Република Северна Македонија. Проценката ги истражува надворешните и внатрешните ризици од корупција кои претставуваат закана за непристрасвноста и независноста на правосудството.
„Преку гласовите на судиите и обвинителите и нивните лични искуства, оваа проценка го предизвикува статус квото. Таа не е само документ – туку е катализатор за промени. Таа е повик за преземање акција, нè повикува да се стремиме кон правосудство кое ги поддржува принципите на правичност, независност и одговорност. Наша колективна должност е да обезбедиме јавните институции да ги заштитат правата на граѓаните и да ги зајакнат столбовите на демократијата и владеењето на правото“, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал на промотивниот настан.
„Обвинувањата за корупција се многубројни. Наводите за несоодветно влијание во правосудниот сектор се реални и тие се пребројни. Ова не е време за „бизнис како и вообичаено“; ова е време за смели чекори и акција. За најдобро да ги насочиме нашите колективни ресурси, треба да погледнеме што ни кажуваат податоците. Да работиме сите заедно за да се бориме против корупцијата што постои и да ги елиминираме ризиците што таа ги носи во правосудството“, рече Ерик Мејер, заменик-шеф на Мисија во Амбасадата на САД.
Претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска истакна дека наодите од проценката ќе бидат проследени со конкретни препораки што ќе треба да бидат вградени во клучните стратешки документи на земјата кои се однесуваат на правосудството.
Таа ги повика судиите и обвинителите да ги искористат овие наоди за да го подобрат интегритетот на нивните соодветни институции.
„Соработката со Мисијата на ОБСЕ во Скопје неколку години наназад, резултира со бројни активности, мноштво креирани документи, истражувања и препораки, за подобрување на состојбите во правосудниот систем. Анализата е дел од оваа соработка и се надевам дека значително ќе придонесе кон имплементација на законските механизми за независно, отчетно и отворено судство, како предуслов за подигање на јавната доверба“, рече судијата Џемали Саити, претседател на Здружението на судии од Северна Македонија.
Елвин Вели, претседател на Здружението на јавни обвинители, рече дека личниот интегритет на јавните обвинители претставува најзначајна алатка за отстранување на било какви влијанија во постапувањето. „Сите правосудни институции се меѓусебно поврзани и до ефикасни резултати може да се дојде единствено доколку секој од нас лично се вложи и го даде максимумот за подигнување на стандардите и етичноста во постапувањето“, додаде тој.
Проценката на ризици во детали ја презентираше членот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Владимир Георгиев. Како што истакна тој, наспроти големиот број на истражувања на перцепцијата за довербата во правосудството, оваа Проценка се заснова на поглед од внатре, од самите судии и јавни обвинители и тоа ја прави особено релевантна за идните политики во оваа област.
Како прв чекор, детектираните ризици ќе послужат на Државната комисија за спречување на корупцијата во предлагање на дополнителни мерки во секторот правосудство, имајќи во предвид дека во тек е процес на изменување и дополнување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.