Учество на Меѓународната конференција „Кликови, пари и влијание: улогите и одговорностите на онлајн медиумите во изборите“
Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата Зоран Богоевски и м-р Сервет Демири учествуваа на меѓународната конференција „Кликови, пари и влијание: улогите и одговорностите на онлајн медиумите во изборите“, организирана од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).
Фокусот на конференцијата беше ставен на потребата од засилен надзор, отчетност и транспарентност во финансирањето на платеното политичко рекламирање во дигиталниот простор, особено во пресрет на изборните процеси. Учесниците дискутираа за регулаторните, етичките и практичните предизвици во оваа област, нагласувајќи ја неопходноста од системски реформи.
На настанот свое обраќање имаше членот на ДКСК Зоран Богоевски кој истакна дека онлине медиумите не се само главни носители на информации, туку и значајни играчи на политичките сцени. За финансирање на истите се користат јавни пари, но од друга страна не се регулирани како традиционалните медиуми, не постојат јасни правила за мерење на политичките содржини на истите, не се обврзани со етички стандарди и се без обврски кон јавниот интерес.
Оттаму, неопходноста на законско регулирање на работата на онлине медиумите и создавање на механизми преку кои ќе се гарантираат транспарентноста на политичкото рекламирање преку истите, ефикасен институционален надзор, а воедно ќе се спречи ширењето на дезинформации и манипулации. „Колку повеќе се развиваат онлине медиумите, толку повеќе расте потребата од нивна регулација. Ова не е прашање на медиумска политика – ова е прашање на праведност, демократија и јавен интерес“, додаде Богоевски.
На настанот, покрај ДКСК учествуваа претставници од други релевантни институции, меѓу кои Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, претставници од Државниот завод за ревизија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и други организации и експерти од областа.


