Одржана работна средба на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, главниот државен ревизор и јавниот обвинител на Република Северна Македонија со високи претставници на УСАИД
Денес, на 18 јуни 2024 година, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата (Државната комисија), г-ѓа Татјана Димитровска, претседател на Државната комисија, г-дин Љупчо Коцевски, јавен обвинител на Република Северна Македонија и г-дин Максим Ацевски, главен државен ревизор на Државниот завод за ревизија, одржаа средба со делегацијата на УСАИД предводена од г-ѓа Шенон Грин, помошничка на администраторот на Бирото за демократија, човекови права и владеење при УСАИД.
Г-ѓа Грин, која е во службена посета на Република Северна Македонија како една од земјите во програмата за Партнерство за демократски развој, пред нејзиното учество во овогодинешната меѓународна конференција за антикорупција во Вилнус, Литванија, иницираше средба за запознавање со напредокот на Северна Македонија во рамките на програмата за Партнерство за демократски развој, со фокус на одговорот кон корупцијата и зајакнувањето на транспарентноста, отчетноста и граѓанскиот ангажман за подобро управување.
Г-ѓа Димитровска им посака добредојде на присутните и искажа благодарност за иницијативата за одржување на средба од овој карактер помеѓу УСАИД и институциите кои имаат клучна улога во борбата против корупцијата. Накратко ги запозна присутните претставници со статусот и надлежностите на Државната комисија, како и со предизвиците со кои се соочува во своето работење, нагласувајќи дека се работи за институција на која и е доделен голем мандат, проследен со големи очекувања.
Во оснос на соработката со УСАИД, претседателката Димитровска потенцираше дека Државната комисија препознава партнерство, врз основа на кое со сигурност може да се потврди дека помага како во успешноста на секојдневното функционирање, така и во успешното планирање на долгорочните и краткорочните стратешки цели на Државната комисија. „Со нашето започнување со работа, како нов состав на Државната комисија, една од првите соработки кои ни го обележуваат мандатот е токму започнувањето со активностите од Проектот „Партнерство против корупцијата“, додаде Димитровска.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и Главниот државен ревизор, накусо ги запознаа присутните со надлежностите на институциите со кои раководат како и со тековните и планираните активностите во насока на зголемување на тренспарентноста, ефективноста и ефикасноста во работењето, соработката со другите органи со цел поуспешна борба против корупцијата. Беше искажана взаемна благодарност за несебичната поддршка од страна на УСАИД на Република Северна Македонија во насока на зајакнување на институционалните капацитети и спроведување на потребните реформи за развој на демократските процеси.
Г-ѓа Шенон Грин во своето обраќање ги истакна напорите на Соединетите Американски Држави преку УСАИД за унапредување на демократијата, зајакнување на човековите права и правда, промовирање на владеење на правото како и заштита на јавниот интерес во земјите партнери меѓу кои е и Република Северна Македонија.
На средбата стана збор и за можностите за обезбедување на поддршка од страна на УСАИД на трите институции во рамки на проектот „Партнерство против корупцијата“.