Покана за втор циклус на обуки за имплементација на Политиката за интегритет на единиците на локалната самоуправа
Државната комисија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во текот на 2021 година, ја разви Политиката за интегритет за единиците на локалната самоуправа и Насоките за нејзиното спроведување, по што следеше циклус на обуки на кои беа поканети сите единици на локалната самоуправа, за полесно разбирање на темата и нејзино спроведување.
Заради континуиран пристап во градењето на знаење на темата имплементација на систем на интегритет, Државната комисија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ги канат единиците на локалната самоуправа на втор циклус на обуки за Политиката на интегритет за единиците на локалната самоуправа.
Обуките ќе се одржат во периодот 09 – 13 мај 2022 со термин од 10-12:30 часот на платформата ЗООМ, а за нивното спроведување ќе се погрижат проф. Рената Дескоска од Правниот факултет „Јустинијана Прима“ во Скопје и Маја Лазарова од Одделот за демократизација при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Согласно Агендата за престојната обука, прво поздравно обраќање ќе имаат претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, г-ѓа Билјана Ивановска, заедно со Амбасадорот Клеменс Која, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, кои официјално ќе ја отворат програмата за обука.
Целта на оваа политика е да промовира интегритет на политичко и на административно ниво, како основа за поттикнување на етичко однесување, отпорност кон корупција, спречување на судир на интереси, создавање на услови за општествен развој, учество на граѓаните во одлучувањето за локалните потреби и интереси и поголема доверба на граѓаните во единиците на локалната самоуправа.