Потпишан меморандум за соработка помеѓу Државната комисија за спречување на корупција и Управа за финансиска полиција
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска и директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов во присуство на членовите на ДКСК и менаџментот на Управата, потпишаа меморандум за соработка.
Со овој меморандум се дефинираат областите и начинот на соработка во насока на искористување на расположивото знаење и искуство, во сите области во кои постојат кадровски и други потенцијали што можат да бидат искористени за унапредување на меѓусебната соработка заради постигнување на заеднички цели и интереси. Со Меморандумот се превдидува зајакнување на соработката меѓу двете институции преку навремена, непосредна и взаемна комуникација, која ќе обезбеди размена на суштествени податоци и информации, како и преку подготовка на заеднички проекти за унапредување на меѓуинституционалната соработка.
Претседателката Димитровска истакна дека потпишувањето на меморандумот ќе придонесе за интензивирањето и продлабочувањето на соработката преку взаемна поддршка и заедничко дејствување во насока на исполнување на законските надлежности на двете институции и остварување на заедничките цели односно воспоставување на ефикасен систем за превенција и борба против корупцијата.
Директорот Иванов истакна дека Државната комисија за спречување на корупција и Управата за финансиска полиција кои се слични во своите надлежности и законски обврски во борбата против корупцијата, ќе мора интензивно да продолжат со активностите, со независно, објективно, одговорно и транспарентно работење а резултатите на таа борба ќе бидат резултати на нашата држава во целост.