Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата учествуваше на „Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ“
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата учествуваше на „Скопје економски и финансиски форум – СЕФФ“, кој се одржа на 30 и 31 Мај 2022 година.
При тоа, на вториот ден од настанот, претседателката Ивановска имаше свое обраќање во рамките на пaнел дискусијата насловена како „Нови предизвици за добро управување“.
Во своето обраќање таа нагласи дека корупцијата во Република Северна Македонија може да се намали доколку се намали влијанието на ризичните фактори кои ја поттикнуваат корупцијата, како на пример силното политичко влијание, злоупотребата на дискреционите овластувања, проблемот со (не)владеење на правото т.е. неказнивоста, недоволната транспарентост, отсуство на интегритет и сл.
Претседателката Ивановска нагласи дека негативните ефекти од корупцијата се огромни и далекусежни и се протегаат низ јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор.
Потенцираше дека борбата против корупцијата не е лесна, но искуството покажува дека со системска превенција и социјално ориентирана борба може се постигне долгорочен успех. Така, со користење на системски пристап и проценка на корупциските ризици, ДКСК ја подготви Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, која за прв пат беше усвоена од Собранието на РСМ. Стратегијата дијагностицира и избира приоритетни прашања кои генерираат висок ризик од корупција во неколку области и сектори и идентификува мерки за нивно надминување.
Претседателката Ивановска истакна дека за ефикасна борба со широко распространетата корупција мора да се преземат активности на повеќе фронтови за да се намали влијанието на факторите на ризик од корупција. Воедно, за да борбата против корупцијата биде успешна потребни се заеднички напори на сите чинители во општетсво кои ја споделуваат истата цел. Треба да се овозможи функционирање на системот на вредности и системот на заслуги, како и зајакнување на етичкото однесување и личниот и институционален интегритет.
Потребни се силни институции, со стручен кадар, кои ќе работат законски независно, транспарентно, непристрасно, етички и одговорно, за што е неопходно да се исклучи влијанието на политиката.
Следниот многу важен чекор е дигитализација на процесите што е многу важно со цел да се зголеми транспарентноста и отчетноста на институциите како и зајакнувањето на јавната свест за негативните ефекти од корупцијата.
На крајот на своето обраќање претседателката Ивановска потсети дека Европската комисија во извештајот за напредокот на земјата забележа дека за успешна борба против корупцијата потребно е да се поддржат соодветните институции надлежни за борба против корупцијата и да се имплементираат нивните препораки.