Родовата еднаквост како темел на европските интеграции и институционалниот интегритет
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) учествуваше на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, организирана од UN Women и Министерството за европски прашања, на која беше испратена силна и јасна порака дека европските интеграции не се само технички процес, туку стратешко вложување во фер, демократско и инклузивно општество.

На настанот, кој обедини претставници на институции, академската заедница, граѓанското општество и меѓународни партнери, беше истакната потребата од систематска интеграција на родовата перспектива во сите поглавја од пристапниот процес, како суштински елемент на доброто управување, владеењето на правото и институционалниот интегритет.
Во тој контекст, Александра Чавдаревска, претставничката на ДКСК на настанот, ја истакна активната улога на Државната комисија во унапредувањето на родово-одговорното управување, при што ја спроведе сопствената родова ревизија, како алатка за препознавање на структурните нееднаквости и подобрување на внатрешните политики и практики.
Како главна порака од настанот беше истакнато дека Северна Македонија треба да развие сеопфатен механизам за родово-одговорен процес на пристапување кон Европската Унија, усогласен со европските стандарди, во кој родовата еднаквост ќе биде систематски вградена, соодветно финансирана и континуирано следена – како стратешка инвестиција во подобро управување, одржлив развој и инклузивно општество.

ДКСК останува посветена на унапредување на институционалниот интегритет и превенцијата од корупција преку интеграција на родовата перспектива во јавните политики, како клучен предуслов за зајакнување на довербата во институциите и за успешен и кредибилен европски пат на државата.














