Јавна опомена
Врз основа на член 22 став 1 и член 77 став 3 алинеја 3 во врска со член 44 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (Службен весник на РМ бр.12/2019) и член 40 став 4 од Деловникот за работа на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), постапувајќи по пријава, на 47 -та седница одржана на 31.03.2021 година, Државната комисија за спречување на корупцијата донесе
О Д Л У К А
На Драган Маневски, се изрекува мерка
ЈАВНА ОПОМЕНА
ЗАТОА ШТО: На барање на Државната комисија за спречување на корупцијата не постапил согласно со член 77 став 1 од Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси, односно не ја отстранил состојбата на судир на интереси во која се наоѓа, поради тоа што покрај адвокатската дејност, ја извршува и функцијата претседател на Советот на општина Делчево, што е спротивно на член 44 став 1 од Законот за спречување корупцијата исудирот на интереси во врска со член 20 и член 24 став 1 од Законот за адвокатура.
Согласно со член 79 став 2 од Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси јавната опомена се објавува на веб страницата на ДКСК и во средствата за јавно информирање.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Предметот со број 09-2292/1 од 05.04.2019 година е оформен по пријава од познат подносител против Драган Маневски, претседател на Советот на општина Делчево, по што ДКСК по утврдување на наводите од пријавата констатира дека покрај оваа функција, ја извршува и адвокатската функција.
За надминување на констатираната повреда на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и на одредбите од Законот за адвокатурата како lex specialis, ДКСК согласно со член 77 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси достави Известување и барање за постапување со бр. 09-2292/20 од 16.09.2019 година до лицето Драган Маневски и побара од службеното лице во рок од 15 дена да го отстрани судирот на интереси. Имено, ДКСК побара од наведеното лице во законски предвидениот рок да се откаже од извршување на функцијата претседател на Советот на општина Делчево или да ја стави во мирување адвокатската функција.
Вака констатираната состојба е спротивна на одредбите од Законот за спречување корупцијата исудирот на интереси , каде е предвидено дека секое избрано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.
Истото е спротивно и на Законот за адвокатурата каде е предвидено дека на адвокат избран или именуван на јавна функција, вршењето на адвокатската дејност му мирува до престанување на функцијата.
Со допис доставен од страна на службеното лице Драган Маневски, Државната комисија на ден 07.11.2019 година е известена дека до Адвокатската комора на РСМ на ден 07.11.2019 година поднел барање за мирување на адвокатската дејност, за што до Државната комисија приложи доказ за неговото постапување.
На седницата одржана на ден 15.11.2019 година, по разгледување на сите предметни наводи, ДКСК поаѓајќи од член 77 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси констатира дека нема основа за нејзино натамошно постапување поради промена на фактичката состојба, односно наведеното лице постапило по барањето на ДКСК и во законски предвидениот рок ја отстранило состојбата на судирот на интереси, со ставање на адвокатската дејност во мирување согласно член 24 став 1 од Законот за адвокатурата, по што ДКСК ја запре постапката против Драган Маневски, предметот со бр. 09-2292/1 од 05.04.2019 година го затвори и архивира.
На ден 15.01.2021 година под бр. 09-247/1 доставена е нова анонимна пријава со наводи дека лицето Драган Маневски сеуште ја извршува адвокатската дејност и во исто време е претседател на Советот на општина Делчево. По извршената проверка на наводите ДКСК заклучи дека состојбата на кумулација на функции не е отстранета од страна на службеното лице Драган Маневски кој и понатаму ја извршува адвокатската дејност и функцијата претседател на Советот на општина Делчево.
Поради наведеното, Државната комисија за спречување на корупцијата заклучи дека се исполнети условите утврдени во член 79 став 1 од Законот за спречување корупцијата и судирот на интерес поради што донесе ОДЛУКА на Драган Маневски да му се изрече мерката ЈАВНА ОПОМЕНА.
Врз основа на се, погоре наведено, Државната комисија за спречување на корупцијата одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.