Потпишан меморандум за соработка – Зајакнување на стратешката соработка со Македонско-американската алумни асоцијација
На ден 18.11.2024 година во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата потпишан e Меморандум за соработка помеѓу Државната комисија за спречување на корупцијата и Македонско-американската алумни асоцијација.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска и претседателката на Македонско-американската алумни асоцијација Зорица Трајкова Стрезовска, ја изразија својата посветеност кон создавање на долготрајно партнерство, основано на доверба и разбирање.
Целта на соработката е официјализирање на заложбата за унапредување на интегритетот, транспарентноста и отчетноста преку потпишување Меморандум за соработка, подигнување на јавната свест и вклучување на граѓаните во борбата против корупцијата, олеснување на размена на експертиза, најдобри практики и ресурси, како и промоција на едукативни програми за зајакнување на институционалниот и општествениот интегритет.
„Овој Меморандум го потенцира значењето на транспарентноста и соработката како суштински столбови во нашите заложби за борбата против корупцијата.“ истакна г-ѓа Димитровска. Таа додаде дека ова партнерство ќе овозможи значајна размена на искуства и знаења. Од друга страна, претседателката на Македонско-американската алумни асоцијација, г-ѓа Трајкова Стрезовска, изјави: „Ова партнерство ја истакнува заедничката визија на двете институции за борба против корупцијата и зајакнување на довербата во јавните системи.“
На настанот присуствуваа и дел од членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата како и членови на Управниот одбор на Македонско-американската алумни асоцијација, кои ги истакнаа разните форми за понатамошна соработка.
Со меморандумот се потенцира значењето на меѓусебната почит и заедничката одговорност како темел за заедничките активности. Двете страни се обврзаа на соработка, во согласност со заедничките цели за зајакнување на доброто управување, размена на знаење и обезбедување поголема видливост на борбата против корупцијата.