Државната комисија за спречување на корупцијата стана членка на антикорупциската мрежа EPAC/EACN
Денес, Државната комисија за спречување на корупцијата, беше примена како полноправна членка во една од најстарите антикорупциски мрежи во Европа – мрежата Европски партнери против корупцијата/Европска мрежа против корупција (EPAC/EACN).
Зачленувањето на ДКСК во оваа мрежа, следуваше на покана од Директорот на Специјалната служба за истраги на Литванија г.Линас Пернавас, кој воедно е Претседател на EPAC/EACN мрежата, за учество на Годишната професионална конференција и Генерално собрание на EPAC кое се одржа на 26-27 ноември 2024 година во Букурешт, Романија.
На последната сесија од настанот која се одржа денес, пригодно обраќање и претставување на Државната комисија за спречување на корупцијата имаше членот Зоран Богоевски.
Во своето обраќање, Богоевски, во име на ДКСК, ја истакна благодарноста за поканата за зачленување во EPAC, нагласувајќи дека со членувањето во мрежата, ДКСК значително ќе ја зацврсти и унапреди посветеноста во борбата против корупцијата, и ќе ја зајакне позицијата на меѓународната сцена, отворајќи нови можности за размена на искуства, добри практики и експертиза со сродни институции ширум Европа.
Г-н Богоевски накусо информираше за статусот и законските надлежности на ДКСК, како и за вредностите и придобивките кои ќе произлезат од членството во мрежата и соработката со сите партнери во истата. Воедно ја истакна подготвеноста на ДКСК за придонесот кој може да го даде преку посветеноста за континуирана меѓународна соработка, со пренесување на нејзините искуства во справувањето со корупција, особено во пост-транзициски контекст, што ќе биде од особена корист за останатите членки на мрежата.
На Генералното собрание беше усвоен и завршен документ – Букурешка декларација, која ќе биде споделена со сите полноправни членки на мрежата, како и со меѓународни организации.